СТАТИСТИКА ШТО ЗАГРИЖУВА – Жените во Македонија сè уште далеку зад мажите, разликата е поголема од очекуваното

Македонија со значителен јаз, потребни се 123 години до целосна еднаквост меѓу мажите и жените

СТАТИСТИКА ШТО ЗАГРИЖУВА – Жените во Македонија сè уште далеку зад мажите, разликата е поголема од очекуваното
Фото: Принтскрин

Во контекст на глобалните економски предизвици, зголеменото учество на жените на пазарот на труд носи значајни економски и општествени придобивки. Намалувањето на родовите разлики придонесува за поголема иновативност, поефикасно искористување на човечкиот потенцијал и намалување на разликите во приходите. Сепак, жените и понатаму се соочуваат со пречки, меѓу кои се помала застапеност на раководни позиции и ограничен пристап до финансиски услуги, истакна вицегувернерката Ана Митреска на манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“, организирана од агенцијата „Марили“.

Таа нагласи дека, во услови на брза технолошка трансформација и развој на вештачката интелигенција, се неопходни соодветни политики за заштита и унапредување на родовата еднаквост на пазарот на труд. Според одредени процени, околу 75% од работните позиции на жените се во занимања со висока изложеност на влијанието на вештачката интелигенција, што укажува на потребата од навремено прилагодување и дополнителна поддршка.

Според „Светскиот извештај за родовиот јаз за 2025 година“, напредокот кон родова еднаквост продолжува, но е бавен и нерамномерен. На глобално ниво, јазот е затворен приближно две третини, а за целосна еднаквост, со сегашното темпо, ќе бидат потребни уште околу 123 години. Македонија е рангирана на 90-тото место од 148 земји, додека во делот на економско учество и можности се наоѓа на 119-тото место. Разликата во платите изнесува околу 12%, а јазот во учеството на пазарот на труд е околу 18 процентни поени во корист на мажите. Во однос на финансиската вклученост, податоците од „Финдекс“ (2024) покажуваат дека 77% од жените и 92% од мажите имаат банкарска сметка, што укажува на родов јаз од околу 10 процентни поени.

Митреска посочи дека Народната банка активно работи на унапредување на финансиската едукација и инклузија, како и на поддршка на женското претприемаштво преку Кодексот за финансирање на жени претприемачи.

Иако учеството на компании во сопственост на жени во вкупното кредитирање сè уште е ниско, тие покажуваат подобра финансиска дисциплина, со удел на нефункционални кредити од 1,54% наспроти 2,76% кај фирмите во сопственост на мажи. Во иднина, активностите ќе бидат насочени кон проширување на соработката, подобрување на податоците и развивање системски решенија за поголема финансиска поддршка на жените претприемачи.

На крајот, таа им упати честитки на наградените жени менаџерки, нагласувајќи дека нивниот успех претставува инспирација за идните генерации и значаен придонес кон развојот на современата економија.

CATEGORIES
Share This