СПЦ ПОВТОРНО ЗГРЕШИ СО ИМЕТО НА МПЦ-ОА Случајна грешка или порака од Белград
По реакциите во јавноста, спорната формулација е исправена на официјалниот сајт на СПЦ. Но, ова не е првпат Белград да употреби различно име за македонската црква.

Српската православна црква го коригираше погрешното именување на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија во објава на својот официјален сајт.
Во текстот посветен на научната конференција „Наследството на пустината“, која деновиве се одржува во манастирот Манасија во Браничевската епархија, првично беше употребено името „Православна Охридска Архиепископија – Македонска Православна Црква“. По реакциите во јавноста, формулацијата е променета и сега стои уставното име Македонска православна црква – Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА).
Ова не е првпат на официјалниот сајт на СПЦ да се појави погрешна формулација за името на македонската црква. Во истата објава претходно се појави и формулацијата „Православна Македонска православна црква – Охридска архиепископија“.
Случајот предизвика реакции поради делот во кој се наведува дека поздравната порака од архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан на конференцијата ја пренел епископот Хераклејски Климент, секретар на Синодот на „Православна Охридска Архиепископија – Македонска Православна Црква“.
Не е првпат да се „погреши“ со името
Во изминатите години има повеќе примери во официјални соопштенија или јавни настапи на претставници на СПЦ во кои за МПЦ-ОА се користеле различни формулации. Во октомври 2024 година, по заедничкото сослужување на српскиот патријарх Порфириј и архиепископот Стефан во Ниш, било употребено именувањето „Охридска Архиепископија – Македонска православна црква“.
Имало и случаи кога архиепископот Стефан бил именуван само како „охридски архиепископ“ или како „архиепископ на Северна Македонија“. Сите овие формулации отстапуваат од името Македонска православна црква – Охридска Архиепископија, под кое СПЦ во 2022 година ја призна македонската црква за автокефална.
Случајност или порака?
Токму зачестеноста на ваквите случаи отвора прашање дали станува збор само за административни пропусти или зад различните именувања има и поширока порака. Во Томосот што СПЦ ѝ го додели на МПЦ-ОА во 2022 година, македонската црква е призната под името МПЦ-ОА, со препорака прашањето за името да го решава со грчките говорни и другите помесни православни цркви.
Оттука, секое отстапување од договореното именување неизбежно отвора простор за различни толкувања особено во период кога односите меѓу МПЦ-ОА и Вселенската патријаршија повторно покажуваат знаци на приближување.
Во изминатиот период епископот Антаниски Партениј престојуваше на Света Гора, а македонски духовен хор пред Вселенскиот патријарх Вартоломеј изведуваше македонски песни и ора. Следуваа и најави за можни нови контакти, што повторно го актуелизира прашањето за евентуалното решавање на статусот и томосот на МПЦ-ОА од страна на Вселенската патријаршија.
Во таков контекст, честото менување или погрешно наведување на името на македонската црква во официјалните комуникации на СПЦ може да се сфати и како суптилно потсетување кон македонските црковни достоинственици дека автокефалноста добиена од Белград носи и одредени очекувања и обврски.
Прашањето е дали станува збор само за несмасни формулации или, пак, за внимателно испратени пораки во време кога односите меѓу СПЦ и Руската православна црква, од една страна, и Вселенската патријаршија, од друга, се обременети со пошироки несогласувања околу влијанието и престижот во православниот свет.

