ВЕНСАН КОМПАНИ КОЛАБИРАЛ НА ТРЕНИНГ Итно пренесен во болница – слетал и медицински хеликоптер

Тренерот на Баерн Минхен се онесвестил на тренинг-теренот, по што била побарана итна медицинска помош. Германските медиуми јавуваат дека Белгиецот подолго време има здравствени проблеми, но неговата состојба засега е стабилна.

ВЕНСАН КОМПАНИ КОЛАБИРАЛ НА ТРЕНИНГ Итно пренесен во болница – слетал и медицински хеликоптер
Фото: Принтскрин

Вознемирувачки вести пристигнуваат од Минхен. Според информации што ги пренесуваат германските медиуми, тренерот на Баерн, Венсан Компани, ненадејно колабирал по денешниот тренинг на баварскиот гигант, по што бил пренесен во болница.

Како што се наведува во извештаите, белгискиот стратег по завршувањето на тренингот на првиот тим сакал да ја проследи и работата на екипата до 23 години. Меѓутоа, во еден момент му се слошило, ја изгубил свеста и се струполил на теренот.

Веднаш била побарана медицинска интервенција, а на тренинг-комплексот слетал и медицински хеликоптер. Компани бил пренесен во болница за дополнителни прегледи и утврдување на причините за ненадејното влошување на неговата здравствена состојба.

Според истите информации, тренерот на Баерн веќе извесно време се соочува со вирусна инфекција, а дополнителни тешкотии му предизвикуваат и болките во колковите. Наводно, поради овие проблеми имал потешкотии при качување по скали, а болки чувствувал и пред натпреварот против Арсенал во Лигата на шампионите.

Последните информации укажуваат дека здравствената состојба на белгискиот стратег е стабилна, но засега нема официјални детали за причините за колапсот, ниту за тоа кога би можел да им се врати на тренерските обврски.

Баерн Минхен в недела треба да му гостува на Фрајбург во натпревар од седмото коло на германската Бундеслига, но останува неизвесно дали Компани ќе биде покрај аут-линијата.

CATEGORIES
Share This