ПЕТМИНА ВО ТРКА ЗА АБАЗИ Кој ќе го води ОЈО ГОКК
Пеливанов, Цветановски, Раичевиќ, Хаџи-Василева и Азизи конкурираат за една од најважните обвинителски функции.

Поранешниот обвинител на СЈО, а сега обвинител во Вишото јавно обвинителство, Трајче Пеливанов е најновиот кандидат за шеф на ОЈО ГОКК дознава Национал. Во трката за раководната функција се и вишиот јавен обвинител Јове Цветановски, обвинителката од ОЈО Скопје Лидија Раичевиќ, како и обвинителите од ОЈО ГОКК Искра Хаџи-Василева и Фатон Азизи.
Цветановски ја потврди својата кандидатура и вели дека по повеќе од 25 години работа во обвинителството е подготвен да преземе раководна функција и да се соочи со предизвиците во борбата против организираниот криминал и корупцијата.
Лидија Раичевиќ има долгогодишно обвинителско искуство и претходно беше кандидатка за државен јавен обвинител. Искра Хаџи-Василева и Фатон Азизи се обвинители во ОЈО ГОКК и работат на повеќе предмети од областа на организираниот криминал и корупцијата.
Актуелниот шеф на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, нема да бара втор мандат. Неговиот четиригодишен мандат истекува на 8 ноември, по што најави враќање во Вишото јавно обвинителство во Гостивар.
Конкурсот завршува викендов, а утре ќе бидат проверени и кандидатурите што пристигнале по пошта. Потоа ќе следува формирање на комисиите и презентација на програмите пред Советот на јавните обвинители.
Новиот шеф на ОЈО ГОКК треба да биде избран на 28 октомври, кога јавните обвинители на непосредни и тајни избори ќе го изберат наследникот на Абази.

