СЛУЧАЈОТ СО УБИСТВОТО НА ВАЊА И ПАНЧЕ ВО ВТОР СТЕПЕН – Судот денеска одлучува по жалбите
Обвинителството бара преиспитување на ослободителната пресуда за Александар Ѓорчевски, додека осудените бараат повторно судење.

Во Апелацискиот суд во Скопје денеска се разгледуваат жалбите на пресудата за грабнувањата и убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски. Предметот е во второстепена постапка по жалбите поднесени од одбраната и од Основното јавно обвинителство.
Основниот кривичен суд Скопје на 25 јуни 2025 година ги осуди Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев на доживотен затвор за грабнување и свирепо убиство на двете жртви. Таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, беше ослободен од обвинението поради недостиг на докази.
Осудените денеска со затворски комбиња беа спроведени во Апелациониот суд, каде преку своите жалби бараат пресудата да биде укината и постапката да се врати на повторно судење во Основниот кривичен суд.
Жалба поднесе и Обвинителството, кое не се согласува со ослободителната пресуда за Александар Ѓорчевски. Според обвинителството, токму тој ги дал информациите за движењето на неговата ќерка наутро пред да замине на училиште. Вишиот обвинител Дарко Јакимовски пред Апелација изјави дека мотивот на обвинетите бил стекнување имотна корист преку изнуда од семејството на Вања.
Тој оцени дека во првостепената пресуда недостасува анализа на доказите и дека судот не утврдил дали Александар Ѓорчевски бил поврзан со кривичните дела.
„Обвинетиот Александар има клучна улога од првото до второто дело. Во моментот кога е донесена одлуката за грабнување на Вања, Палевски ги повикува Манев и Видевски да дојдат во Скопје. Тогаш таткото им испраќа порака на децата да се облечат како да одат на планина“, рече Јакимовски.
Тој посочи и на, како што кажа, сомнителното однесување на таткото по исчезнувањето на Вања.
Одбраната, пак, тврди дека нема никакви докази за вмешаност на Александар Ѓорчевски. Адвокатот Владимир Туфегчиќ изјави дека Основниот кривичен суд правилно заклучил оти не постои вина кај таткото на Вања.
Во текот на првостепената постапка, Велибор Манев и Влатко Кешишев ги признаа делата и детално ги опишаа, при што го посочија Љупчо Палевски како лицето што пукало во двете жртви. Палевски и Видевски негираа вмешаност во грабнувањата и убиствата.
Според обвинението, Панче Жежовски бил грабнат во Велес за да му биде одземен автомобилот „цитроен“, кој подоцна бил искористен при киднапирањето на Вања во Скопје. По убиството на девојчето, возилото било запалено.
Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември 2023 година, а нивните тела беа пронајдени на 3 декември во близина на Скопје и Велес.
