СКОПЈЕ ВО ЗНАЦИТЕ НА СТИХОТ – Почна 6. Скопски поетски фестивал

Поети од Кина, Словенија, Турција, Хрватска и Македонија ја исполнија сцената.

СКОПЈЕ ВО ЗНАЦИТЕ НА СТИХОТ – Почна 6. Скопски поетски фестивал
Фото: Принтскрин

Со свечено оддавање почит на поетот Тихомир Јанчовски и читање поезија во негова чест, синоќа во 20:00 часот во Младинскиот културен центар Скопје започна 6. издание на Скопскиот поетски фестивал, под мотото „(СО) СТИХ СПРОТИ НАРАТИВ!“.

На отворањето настапија поети од неколку земји: Шји Чуан од Кина, Денис Шкофич од Словенија, Гонџа Озмен од Турција, Кристина Шпиранец од Хрватска, како и македонските автори Иван Џепароски, Зоран Анчевски, Елизабета Баковска и Деспина Сиљаноска. Вечерта беше заокружена со поетско-музички перформанс во изведба на Марија Вујошевиќ и Барбара Делаќ од Црна Гора.

Претходно беше одржана и промоција на поетската антологија „Техна и епистема“, посветена на современата млада поезија, објавена од „ПНВ Публикации“ по повод петгодишнината од програмата „Отскочна даска“. Во рамки на настанот настапија околу триесет млади поети.

Фестивалската програма продолжува и денес. Во 19:30 часот во бифето на МКЦ ќе се одржи настанот „Диптих“, со разговор и читање посветени на новите стихозбирки на Гонџа Озмен и Кристина Шпиранец. Од 21:00 часот следува вториот дел од читањето „(Со) стих спроти наратив“, на кое ќе учествуваат поети од Палестина/Бугарија, Грција, Црна Гора, Србија и Македонија.

Шестото издание на СПФ е поддржано од Министерството за култура и туризам, Традуки и Град Скопје, а во организацијата и соработката се вклучени МКЦ, „Буква“, Хрватското друштво на писатели, фестивалот „Стихот во регионот“, Светскиот поетски фестивал во Патра, „ПНВ Публикации“, „Култура Бета“ и хотел „Цара 1928“.

CATEGORIES
Share This