СКОПЈЕ ВО КНИЖЕВНА ЕУФОРИЈА – Над 30.000 посетители се очекуваат на најголемиот саем

Богата програма со над 130 промоции и учество на повеќе од 60 издавачки куќи.

СКОПЈЕ ВО КНИЖЕВНА ЕУФОРИЈА – Над 30.000 посетители се очекуваат на најголемиот саем
Фото: Принтскрин

Долгоочекуваниот Саем на книга годинава повторно ги отвора вратите кон приказните што го менуваат погледот на светот. Од 23 до 29 април 2026 година, Арената „Борис Трајковски“ во Скопје ќе стане централно место каде што литературата, културата и љубителите на книгата се спојуваат во едно уникатно доживување.

Со децениска традиција, Саемот на книгата е еден од најзначајните културни настани во земјава. Тој ја обединува публиката од Македонија и од странство, ја поттикнува читачката култура и создава простор за директна комуникација меѓу авторите, издавачите и читателите.

Организаторите од Скопски Саем го опишуваат како „најголем културен настан во земјата“, каде што се слават книгата и креативноста, но и се отвора простор за дијалог и создавање нова публика. Богатиот избор од домашна и светска литература нуди можност за откривање нови светови, додека омилените приказни добиваат нов живот.

Во текот на седумте саемски денови се очекуваат над 30.000 посетители, повеќе од 130 промоции и учество на над 60 издавачки куќи. Особено радува зголемениот интерес кај младата публика, која сè повеќе се враќа кон печатената книга.

Саемот нуди богата програма со специјални попусти, промоции на нови изданија, средби со автори, книжевни панели и интерактивни работилници. Работното време е од 10:00 до 20:00 часот, што овозможува посета во текот на целиот ден.

Со секоја купена редовна влезница се донираат средства за СОС Детско село, а билетите се достапни и онлајн.

Саемот е поддржан од Министерството за култура и туризам, а свеченото отворање на 38-то издание ќе го одбележи претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

CATEGORIES
Share This