СКЕНИРАШ И ЗНАЕШ ШТО КУПУВАШ Македонскиот рубин добива сертификат и QR-код

До крајот на октомври се очекува да биде изготвен првиот код, преку кој купувачите ќе ги добиваат информациите за потеклото, квалитетот и специфичните својства на рубинот.

СКЕНИРАШ И ЗНАЕШ ШТО КУПУВАШ Македонскиот рубин добива сертификат и QR-код
Фото: Принтскрин

Министерката за енергетика Сања Божиновска најави институционален систем за заштита и промоција на македонскиот рубин, со јасни стандарди, сертификат за потекло и квалитет и дигитален QR-код. Првиот код се очекува да биде изготвен до крајот на октомври.

Македонскиот рубин треба да прерасне во препознатлив и заштитен национален производ, со јасно утврдени правила за потеклото, квалитетот, обработката и продажбата.

Ова го истакна министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, која ги презентираше активностите за заштита и промоција на овој минерал.

„Македонскиот рубин е дел од нашето природно наследство, има свое потекло, специфични својства и своја приказна. Наша обврска е таа природна вредност да ја претвориме во препознатлив и заштитен македонски производ зад кој ќе стојат јасни правила, проверен квалитет и доверба“, изјави Божиновска.

Сертификат и QR-код за секој производ

Според министерката, македонскиот рубин ќе добие сертификат со податоци за потеклото, квалитетот и неговите специфични својства.

Дополнително, секој сертифициран производ ќе има QR-код преку кој купувачите ќе можат да ги добијат информациите содржани во сертификатот. Првиот QR-код се очекува да биде изготвен до крајот на октомври.

Називот „македонски рубин“ ќе може да се користи само доколку се исполнети однапред утврдените услови,  потврдено потекло, соодветна документација, стручна контрола и исполнување на критериумите утврдени со елаборатот, правилникот и законската рамка.

Од наоѓалиштето до продажбата – целосна контрола

Божиновска посочи дека системот треба да овозможи следење на материјалот од местото на потекло, преку обработката, па сè до означувањето, продажбата и промоцијата.

Тоа, како што рече, подразбира јасни правила за тоа кој може да го вади, обработува и продава рубинот, како и кој може да го користи заштитениот назив.

„Мора да постои евиденција за материјалот и мониторинг за неговото движење – од местото на потекло, преку обработката, па сè до негово означување, продажба и промоција“, нагласи министерката.

Целта е рубинот да стане национален бренд

Со воспоставувањето на стандарди и контрола, македонскиот рубин треба да добие можност да се позиционира како национален бренд и да создаде дополнителни економски можности за занаетчиите, дизајнерите, обработувачите, трговците и локалните заедници.

„Кога граѓани, туристи и странски купувачи ќе го видат македонскиот рубин, треба да бидат сигурни дека зад тоа име стојат автентично потекло, проверен квалитет и институционална гаранција“, рече Божиновска.

Според неа, на тој начин се зголемува довербата во производот, но и неговата пазарна вредност.

Правната заштита започна во 2025 година

Иницијативата за институционална и правна заштита на македонскиот рубин како географска ознака Министерството ја започна во 2025 година, во координација со Геолошкиот завод.

Геолошкиот завод го изработи елаборатот со кој се утврдени потеклото, специфичните карактеристики и другите релевантни својства на македонскиот рубин.

Врз основа на документацијата, во мај годинава беше поднесена пријава до Државниот завод за индустриска сопственост. На 17 јуни Заводот донесе решение со кое географскиот назив „македонски рубин“ доби правна заштита.

Божиновска оцени дека со тоа името „македонски рубин“ добива правен идентитет и основа за институционална заштита, додека следната фаза е практичната примена на воспоставениот систем.

Целта, според Министерството, е македонскиот рубин најпрво да стане препознатлив и ценет во Македонија, а потоа да се позиционира и на регионалниот и меѓународниот пазар.

CATEGORIES
Share This