ЌЕ ИМА ЕДНО ПРАЗНО МЕСТО ПОВЕЌЕ Битолската гимназија се прости од 17-годишната Ивана

Младата ученичка почина во тешката сообраќајка кај „Туланата“, а нејзиното училиште испрати емотивна проштална порака.

ЌЕ ИМА ЕДНО ПРАЗНО МЕСТО ПОВЕЌЕ Битолската гимназија се прости од 17-годишната Ивана
Фото: Принтскрин

Голема тага ја потресе Битола по трагичната смрт на 17-годишната Ивана Недановска, која го загуби животот во тешката сообраќајна несреќа што се случи на патот Битола–Прилеп, кај местото познато како „Туланата“.

Ивана била ученичка во СОУ Гимназија „Јосип Броз Тито“ Битола. Од училиштето се простија од неа со исклучително емотивна порака, во која изразија длабока жалост и најискрено сочувство до нејзиното семејство и најблиските.

„Смртта го прекинува животот, не и присуството“, порачаа од гимназијата, истакнувајќи дека загубата на млад човек остава празнина која тешко може да се опише со зборови.

Човекот низ вековите научил да поднесува многу нешта, но не научил лесно да го прифаќа она што му изгледа спротивно на самиот ред на животот: старите да останат, а младите да заминат; оние што веќе имаат спомени да продолжат да ги создаваат, а оние што требало допрва да ги создаваат, самите да станат спомен.

Тука секоја утеха станува мала. И секој голем збор е недостоен. Останува само тагата…“, се наведува во прошталната порака.

Од гимназијата велат дека по Ивана останува празно место во нејзиниот клас, меѓу соучениците и наставниците, но и спомен кој ќе продолжи да живее кај сите што ја познавале.

„Ќе има едно празно место повеќе. А во него ќе сјае едно име што нема да биде празнина: Ивана Недановска“, стои во пораката.

Несреќата се случила на 19 септември, околу 18:29 часот. Според информациите од МВР, во сообраќајката учествувале автомобил „опел“, управуван од 28-годишен жител на прилепското село Канатларци, и автомобил „форд“, управуван од 48-годишен жител на Долно Српци.

Ивана била сопатничка во „опелот“ и починала на местото на несреќата. Смртта ја констатирал лекар од Итната медицинска помош од Битола.

Во несреќата биле повредени и други лица. Тешко биле повредени возачот на „опелот“, 44-годишна сопатничка и седумгодишно дете од „фордот“, додека повреди добил и возачот на „фордот“.

Увид на местото извршила екипа на СВР Битола.

Во гимназијата, пак, останува споменот на 17-годишната Ивана, ученичка која прерано го прекинала својот животен пат, оставајќи зад себе семејство, соученици и наставници во длабока болка.

CATEGORIES
Share This