УНГАРИЈА ГИ ОТВОРА ДОСИЕЈАТА НА КОМУНИСТИЧКАТА ТАЈНА СЛУЖБА На површина излегуваат имињата на илјадници информатори

Владата на Петер Маѓар почна со објавување на архивите на поранешната државна безбедност, исполнувајќи едно од изборните ветувања на партијата Тиса.

УНГАРИЈА ГИ ОТВОРА ДОСИЕЈАТА НА КОМУНИСТИЧКАТА ТАЈНА СЛУЖБА На површина излегуваат имињата на илјадници информатори
Фото: Принтскрин

Унгарија започна историски процес на соочување со комунистичкото минато. Од 4 ноември, владата на премиерот Петер Маѓар ги отвора таканаречените „агентски досиеја“ архиви со податоци за лицата кои соработувале со државната безбедност за време на комунистичката диктатура.

Датумот не е случаен. На 4 ноември 1956 година советската војска ја задуши антикомунистичката револуција во Унгарија, по што следеа децении репресивно комунистичко владеење.

Отворањето на архивите беше едно од главните изборни ветувања на Маѓар и неговата партија Тиса. Со децении, унгарските власти избегнуваа целосно објавување на документите, а според порталот „Телекс“, партијата Фидес на Виктор Орбан повеќе од 30 пати гласала против отворање на досиејата од 2010 година наваму.

Меѓу документите што ќе бидат објавени се регистрите со имињата на информаторите, како и таканаречените „кутии број шест“. До крајот на февруари 2027 година се очекува да бидат достапни и обемните Б-досиеја. Според проценките, базите би можеле да содржат податоци за 50.000 до 60.000 лица, од вкупно проценети до 150.000 информатори на унгарската државна безбедност.

Сепак, историчарите предупредуваат дека документите не се секогаш целосни и веродостојни, а дел од архивите биле уништени. Затоа, самото појавување на нечие име во регистарот не мора автоматски да докажува свесна соработка со тајната служба.

Отворањето на архивите има и силна политичка димензија. Маѓар со години ја критикуваше недоволната транспарентност околу комунистичкото минато, посочувајќи дека во редовите на Фидес има личности со врски со поранешниот режим.

Еден од најпознатите примери е Јожеф Хорват, поранешен службеник на унгарската државна безбедност, кој подоцна стана советник за безбедност и функционер во институцијата за заштита на суверенитетот за време на владеењето на Орбан.

Историчарите ја поздравуваат одлуката, оценувајќи дека отворањето на архивите ќе овозможи нови истражувања и општествена дебата за одговорноста на соработниците на комунистичката диктатура.

Иако не се најавува воведување лустрација, одлуката на Маѓар претставува значаен чекор кон откривање на досега скриените страници од унгарската историја.

ФИДЕС ОБВИНУВА: Петер Маѓар користи комунистичките доиеја за да го прикрие фијаското на владата

CATEGORIES
TAGS
Share This