ДВА СЕКТОРИ ЈА КРЕВААТ ЦЕНАТА Владата подготвува интервенции

Мерките за инфлацијата ќе се разгледаат по дополнително следење на состојбата.

ДВА СЕКТОРИ ЈА КРЕВААТ ЦЕНАТА Владата подготвува интервенции
Фото: Принтскрин

Владата ја следи состојбата во економијата и во континуитет разгледува можни мерки во интерес на граѓаните, изјави премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за евентуални нови економски политики во услови на зголемена инфлација.

Тој посочи дека просечната инфлација во првите четири месеци од годината е под 4,5 проценти и, како што рече, е меѓу најниските во регионот, ако не и најниска.

„Од нашата анализа за мајската инфлација, која изнесува 4,7 проценти на годишно ниво, произлегува дека главните фактори се два сектора, односно два типа производи“, изјави премиерот.

Според него, станува збор за транспортните услуги, кои бележат двоцифрен раст од над 10 проценти, како и за алкохолот, цигарите и тутунските производи, кои исто така се блиску до двоцифрен пораст.

„Во овој сегмент навистина не би сакал да применувам мерки. Напротив, можеби би биле потребни и поригорозни чекори, бидејќи целта е да се заштити здравјето на граѓаните“, нагласи тој.

Мицкоски додаде дека во делот на алкохолните пијалаци и тутунските производи нема да има интервенции.

Во однос на транспортот, премиерот посочи дека Владата веќе е во дијалог со превозниците, при што најголем дел од растот се должи на авионскиот превоз и поскапениот керозин, кој, како што рече, е речиси двојно зголемен.

„Тука можеби ќе се интервенира во делот на даноците“, истакна тој.

Премиерот најави дека Владата ќе ја следи состојбата и во текот на овој месец, по што ќе се донесат понатамошни економски мерки насочени кон намалување на инфлациските притисоци.

CATEGORIES
Share This