СКАНДАЛ БЕЗ КРАЈ – Синдикатот тврди, во МО се кријат вистини од министерот
Синдикатот тврди дека министерот добива неточни извештаи од внатре.

На собраниската седница за пратенички прашања на 30.04.2026 година на поставено прашање од опозицијата , министерот за одбрана изнесе нова лага и манипулација кон целата македонска јавност дека колективниот договор кој беше потпишан во февруари 2024 не бил доставен со известување до надлежното министерство за труд како што налага Законот за работни односи.
Министерот за одбрана Мисајловски изјави дека и државниот завод за ревизија при вршење на ревизијата во МО утврдил дека таков документ нема во министерството и дека воопшто не е доставен до Министерството за труд и социјална политика.
Оваа информација која ја изјави министерот не е точна и е нова манипулација за јавноста , бидејќи на 14.02.2024 година МО изработило Известување до Министерството за труд и социјална политика каде што го известува дека е склучен нов Колективен договор и во прилог на известувањето е доставен и самиот колективен договор.
Нејасно е како најблискиот соработник на министерот – раководителот на правна служба во МО Милан Андоновски не го известил министерот , а токму тоа е лицето кое го одобрило овој документ на 14.02.2024 година и најверојатно истото лице и го доставило до МТСП (прилог).
Милан Андоновски е лицето кое на 59 годишна возраст стана претседател на најновиот седми по ред синдикат во Армијата , формиран пред месец дена.
Нејасно е КАКО и ЗОШТО овој документ е сокриен од министерот за одбрана и од државниот ревизор ?!
Зошто на министерот за одбрана му е пласирана ваква лажна информација од најблиските соработници за да ја каже пред македонската јавност од собраниската говорница пред сите пратеници од Собранието на Република Македонија.
Оваа манипулација и лага дека не постои ваков документ – известување од МО до МТСП за склучен колективен договор е искажана и од шефот на кабинетот на МО , раководителот на сектор за поддршка на министерот Игор Павлески, каде што на барање за информација од јавен карактер изјави дека таков документ не постои и МО нема обврска да доставува такво известување. Ова е одговор на МО кое е спротивно на член 231 од Законот за работни односи каде што е регулирано задолжително известување за склучен колективен договор и негова регистрација во МТСП.
Констатациите на Независниот синдикат на професионални војници дека во изминативе две години до министерот стигаат неточни и лажни информации за состојбата во Армијата и за синдикатот од неговите најблиски соработници се докажа токму со овој документ кој на мистериозен начин е исчезнат од МО, или е сокриен со одредена цел од министерот и од државниот завод за ревизија.
Го прашуваме министерот за одбрана г-дин Владо Мисајловски дали сеуште верува дека околу него има лица од доверба или има лица кои пласираат неточни информации со цел да се прикаже лажна слика кон синдикатот и да се спречи социјалниот дијалог за решавање на статусот на професионалните војници и подобрување на правата на сите припадници на Армијата и МО.
Дали министерот за одбрана кога ќе се соочи со доказите , ќе има доблест да признае дека во министерството за одбрана има структури кои го кочат синдикалното движење и спречуваат унапредување на правата на работниците со дијалог со синдикатот или сепак ќе продолжи со реториката на навреди и клевети кон синдикатот , мотивиран и наведен токму од тие лица околу него кои го прават тоа подолго време.
Се надеваме дека министерот за одбрана ќе сфати во каква средина се наоѓа и дека синдикатот секогаш имал и ќе има позитивни предлози и барања за регулирање на сите неправилности во МО и Армијата , подобрување на правата и условите за работа на сите припадници.
За жал на овој начин дознаваме дека секогаш постојат лица кои сакаат да го опструираат социјалниот дијалог и да го спречат напредокот на правата на работниците со манипулации и невистини – се вели во реакцијата на Независниот синдикат на професионалните војници упатена од претседателот Александар Насковски.

