СИТИ ДОБИ ЅВЕЗДА Два гола на деби и порака – ова е само почеток
17-годишниот Самба блесна на дебито со два гола, асистенција и признание за играч на натпреварот.

Манчестер Сити доби ново младо име кое го привлече вниманието уште на својот прв настап за сениорскиот тим. Само 17-годишниот Флојд Самба блесна на дебито, постигнувајќи два гола во убедливата победа од 5:0 над Норич во третото коло од Карабао купот.
Самба првпат се запиша во листата на стрелците во 29. минута, кога со глава ја затресе мрежата на Норич. Во второто полувреме повторно беше прецизен, овојпат со одличен удар за својот втор погодок и потврда на убедливата победа на Сити.
Младиот фудбалер имаше удел и во голот на Рајан Шерки, а со комплетното издание беше прогласен за играч на натпреварот.
Она што дополнително го прави неговиот настап интересен е фактот што Самба не играше на својата природна позиција. Иако првенствено е играч за врска, против Норич беше поставен како „лажна деветка“ и одлично ја искористи довербата.
Самба е дел од академијата на Манчестер Сити уште од својата деветта година, а минатата сезона имаше импресивна статистика. Во 24 настапи во шест различни натпреварувања за младинските селекции постигна 17 гола и запиша шест асистенции.
Фудбалскиот талент очигледно го наследил и од семејството. Флојд е син на поранешниот премиерлигашки дефанзивец Кристофер Самба.
По спектакуларниот дебитантски настап, 17-годишникот испрати амбициозна порака:
„Ова е само почеток, имам голема кариера пред себе.“

