ШТО СЕ СЛУЧУВАЛО ВО ЕСМ ЗА ВРЕМЕТО НА ЗАЕВ143 милиони евра набавки, милионски анекси и опрема која не се користела

Во политичките реакции околу случајот се обвинува и поранешното раководство на ЕСМ, предводено од Васко Ковачевски, како и неговата блискост со поранешното раководство на СДСМ.

ШТО СЕ СЛУЧУВАЛО ВО ЕСМ ЗА ВРЕМЕТО НА ЗАЕВ143 милиони евра набавки, милионски анекси и опрема која не се користела
Фото: Принтскрин

Ревизијата на Државниот завод за ревизија отвора сериозни прашања за начинот на кој ЕСМ ги планирал и реализирал јавните набавки во периодот опфатен со контролата. Ревизорите утврдиле низа слабости, вклучително и набавки на стоки и услуги кои не биле искористени или не биле целосно реализирани.

Во периодот опфатен со ревизијата биле анализирани 27 постапки за јавни набавки, со преземени обврски во 2024 година во вкупна вредност од 143,5 милиони евра.

ДЗР: Јавните набавки не биле во согласност со прописите

Според извештајот на ДЗР, планирањето и спроведувањето на постапките за јавни набавки, како и реализацијата на склучените договори, не биле во согласност во сите материјални аспекти со релевантната законска и подзаконска регулатива, плановите и договорите.

Ревизорите утврдиле слабости уште во фазата на планирање. Годишниот план за јавни набавки бил изготвуван врз основа на претходни договори, без соодветно истражување на пазарот и без користење на можноста за технички дијалог.

Дополнително, утврдени се недостатоци при определувањето на проценетата вредност и анализата на реалните потреби на друштвото.

Како последица, во текот на 2024 година биле донесени 19 измени на Годишниот план за јавни набавки, што, според ревизорите, влијаело врз ефикасноста, финансиското планирање, роковите, транспарентноста и предвидливоста на постапките.

Мотор од 2,48 милиони евра стоел неискористен

Особено внимание во извештајот привлекува набавката на гасен мотор преку постапка со преговарање без објавување оглас.

ДЗР наведува дека не било можно да се потврди оправданоста на повикувањето на крајна итност. Иако за набавката бил исплатен значителен дел од договорната вредност, односно 153,283 милиони денари или околу 2,48 милиони евра, моторот не бил ставен во функција.

Наместо да биде оперативен, моторот подолго време бил складиран, без да бидат обезбедени потребните предуслови за негово инсталирање и користење.

Адитив од 2,29 милиони евра – најголемиот дел неискористен

Ревизорите откриле и набавки на стоки и услуги кои не биле користени или не биле целосно реализирани.

Кај набавката на адитив во вредност од 2,29 милиони евра, најголемиот дел останал неискористен, при што му истекол рокот на употреба.

Дополнително, биле платени 1,72 милиони евра за активности поврзани со дислокација на опрема која не била ставена во употреба.

Според ДЗР, ваквите состојби претставуваат финансиски загуби за друштвото и нерационално користење на јавни средства, а негативно влијаат и врз извршувањето на дејноста.

Осигурување од 5,8 милиони евра зголемено со анекси

Ревизијата опфатила и постапка за јавна набавка на осигурителни услуги, поделена на 10 дела.

По постапката, во 2023 година биле склучени договори за шест дела во вкупна вредност од 5,8 милиони евра, со рок на реализација од две години.

Со анекси кон три договори, нивната вредност дополнително била зголемена за 68,2 милиони денари, односно околу 1,1 милиони евра.

Особено е значајно што Стручната комисија претходно дала мислење дека понудените цени не се пазарни. Дополнително, пред истекот на договорите било продолжено и нивното времетраење.

Во полисите бил наведен и агент/брокер, иако посредувањето не било предвидено во тендерската документација. ДЗР констатирал дека не била обезбедена документација со која би се потврдиле обемот и придобивките од таквото посредување.

Техничките услови можеле да упатуваат на конкретен бренд

Ревизорите утврдиле слабости и во техничките спецификации и условите за докажување на способноста на понудувачите.

Во одделни случаи, техничките спецификации биле поставени на начин кој, според ДЗР, може да упатува на конкретен дизајн, бренд или овластен производител.

Условите за финансиска, техничка и професионална способност, пак, не секогаш биле сразмерни со предметот на набавката.

Кај дел од постапките не била спроведена целосна проверка на доставените докази, а кај одредени испорачани стоки и услуги недостасувала соодветна техничка, атестна и друга документација.

Ревизорите утврдиле и случаи во кои по извршената испорака биле прифатени суштински измени на техничките карактеристики, што го доведува во прашање еднаквиот третман на економските оператори и регуларноста на постапките.

Надминат и законскиот праг за набавки без постапка

Дополнителни слабости се констатирани и при реализацијата на договорите.

Во одделни случаи договорите биле менувани со анекси без доволно уверливо образложение, додека за одредени услуги не била обезбедена документација со која би се потврдиле оправданоста и обемот на извршените активности.

ДЗР утврдил и дека во 2024 година бил надминат законскиот вредносен праг за набавки без спроведување постапка, и тоа за 81.644 евра.

Според ревизорите, ова укажува на потреба од правилно толкување на одредбите од Законот за јавните набавки и воспоставување соодветни контроли.

Извештајот отвора нови прашања за одговорност

ДЗР во извештајот дал препораки чија имплементација треба да придонесе за поголема транспарентност и конкуренција, подобар квалитет на набавките и поекономично, поефикасно и поефективно користење на јавните средства во ЕСМ.

Наодите отвораат и прашање за евентуална одговорност на лицата кои ги носеле одлуките и учествувале во постапките.

Во политичките реакции околу случајот се обвинува и поранешното раководство на ЕСМ, предводено од Васко Ковачевски, како и неговата блискост со поранешното раководство на СДСМ. Сепак, конкретната кривична одговорност за утврдените неправилности треба да ја утврдат надлежните институции.

Со оглед на обемот на средствата и сериозноста на констатираните пропусти, извештајот на ДЗР претставува основа за дополнително постапување на надлежните органи, вклучително и проверка дали со утврдените дејствија е предизвикана финансиска штета и дали постојат елементи за кривична или друга одговорност.

CATEGORIES
Share This