ШТО СЕ СЛУЧИ ВО НОВО СЕЛО Филипче со жестоки обвинувања по нападот врз младите

Филипче побара итна истрага за нападот врз младите и обвини дека зад инцидентот стојат лица блиски до власта.

ШТО СЕ СЛУЧИ ВО НОВО СЕЛО Филипче со жестоки обвинувања по нападот врз младите
Фото: Принтскрин

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска беше во Ново Село по синоќешниот инцидент во кој беа нападнати млади лица кои јавно укажувале на проблемот со водата за пиење. Филипче побара итна реакција од Министерството за внатрешни работи и од обвинителството, оценувајќи дека нападот е поврзан со лица блиски до владејачката структура. Според него, инцидентот е последица на стравот кај власта поради тоа што, како што рече, вистината за состојбите во државата излегува во јавноста.

„Инцидент кој не требаше да се случи, но кога веќе се случи, не смее да се премолчи. Беа нападнати млади луѓе кои ја говореа вистината. Вистината е дека постои проблем со водата за пиење во Гостивар и во други делови од државата“, изјави Филипче.

Лидерот на СДСМ посочи дека по, како што наведе, политички и медиумски притисоци, следувала и физичка пресметка со младите активисти.

„Бараме итна истрага и одговор на прашањето кои биле напаѓачите. Јавноста мора да знае кој стои зад овој чин“, рече Филипче, додавајќи дека според неговите информации станува збор за лица блиски до ВМРО-ДПМНЕ.

Тој порача дека младите нема да бидат оставени сами и дека за случајот мора да има одговорност.

„Ова е знак дека власта е исплашена затоа што излегува вистината за проблемите со водата, економијата и европскиот пат на државата. Доаѓа време кога ќе има правда и одговорност“, истакна претседателот на СДСМ.

Филипче оцени дека обидите за замолчување на критиките нема да успеат и порача дека граѓаните имаат право слободно да го изразуваат своето мислење.

„Оваа власт нема да нè замолчи. Секој што ја говори вистината мора да биде заштитен, а не нападнат“, порача Филипче.

https://nacionalno.mk/mickoski-so-silna-poraka-do-di-asporata-vreme-e-makedoncite-da-se-vratat-doma/

CATEGORIES
Share This