ШТО СЕ СЛУЧИ СО 1 МИЛИЈАРДА ЕВРА Мицкоски ја откри намената на унгарскиот кредит

Премиерот тврди дека заемот е договорен под исклучително поволни услови, а средствата се користат за намалување на долгови, поддршка на компаниите и инфраструктурни проекти.

ШТО СЕ СЛУЧИ СО 1 МИЛИЈАРДА ЕВРА Мицкоски ја откри намената на унгарскиот кредит
Фото: Принтскрин

Премиерот Христијан Мицкоски во Собранието ги отфрли критиките од лидерот на СДСМ, Венко Филипче, во врска со унгарскиот заем, оценувајќи дека станува збор за финансиски аранжман со исклучително поволни услови за државата. Одговарајќи на пратеничко прашање, Мицкоски посочи дека евентуалните постапки на унгарските институции се нивно внатрешно прашање и немаат поврзаност со начинот на кој Македонија ги обезбедила средствата. Според него, заемот бил договорен под услови кои ретко се постигнуваат, а целта е поддршка на економијата, компаниите и развојните проекти.

„Половина од средствата, односно 500 милиони евра, беа искористени за сервисирање на стари долгови, со што се намали притисокот врз јавните финансии“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека останатиот дел од средствата се насочува кон бизнис-секторот преку кредитни линии со поволна каматна стапка од 1,95 проценти, како и кон инфраструктурни проекти во општините низ земјата. Премиерот нагласи дека средствата се распределуваат без разлика на политичката припадност на локалните власти и дека придобивките се наменети за граѓаните и економијата. Мицкоски порача дека и унгарската страна го оценила договорот како заем под повластени услови, додавајќи дека опозицијата наместо критики треба да го поздрави ваквиот потег.

Тој истовремено го обвини лидерот на СДСМ дека изнесува неточни информации за намената и условите на кредитот, додека од опозицијата претходно побараа дополнителни детали за начинот на договарање и користење на средствата.

CATEGORIES
Share This