ОД КАРНЕГИ ХОЛ ДО ОХРИД Светски познатиот квартет ‘Хермес’ вечерва во ‘Света Софија’

Француската музичка елита пристигнува на 66. ‘Охридско лето’ со концерт исполнет со врвна камерна музика.

ОД КАРНЕГИ ХОЛ ДО ОХРИД Светски познатиот квартет ‘Хермес’ вечерва во ‘Света Софија’
Фото: Принтскрин

Репертоарот на класичната музика на 66. издание на фестивалот „Охридско лето“ продолжува вечерва со настапот на еден од најреномираните камерни состави од Франција – квартетот „Хермес“. Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот, во рамки на традиционалната Француска вечер, која фестивалот ја реализира со поддршка на Амбасадата на Франција во Северна Македонија и Францускиот институт од Скопје.

Пред охридската публика ќе настапат Омер Буше и Елисе Лиу на виолина, Лоу Јунг Хсин Чанг на виола и Јан Левионоа на виолончело. Квартетот „Хермес“, кој го носи името на гласникот од грчката митологија, повеќе од една деценија гради препознатлив музички израз преку интерпретации во кои се обидува да ги пренесе идеите на композиторите и да воспостави силна врска со публиката.

Основан во 2008 година на Конзерваториумот во Лион, ансамблот својот развој го темели на бројни меѓународни настапи и соработки. Членовите на квартетот се усовршувале со познати музички имиња и ансамбли, меѓу кои квартетите „Равел“, „Изаи“ и „Артемис“, како и со Еберхард Фелц и Алфред Брендел. Зад себе имаат настапи на престижни сцени како „Карнеги хол“ во Њујорк, „Вигмор хол“ во Лондон и Забранетиот град во Пекинг, како и учества на значајни фестивали во Европа и светот.

Нивниот репертоар опфаќа широк спектар на дела, а во текот на кариерата соработувале со големи музички имиња како Јо-Јо Ма, Ким Кашкашијан, Ан Гастинел и други реномирани уметници. Квартетот „Хермес“ е добитник на повеќе престижни награди, меѓу кои и признанија од Меѓународниот натпревар во Женева и аудициите за млади музичари во Њујорк. Од 2012 до 2016 година биле резидентен квартет во Капелата за музика „Кралица Елизабета“ во Брисел, а од 2019 година се поддржани од Фондацијата „Сигнер-Полињак“.

Во рамки на својата дискографска дејност соработуваат со издавачката куќа „Ла долче волта“, каде го реализираат комплетниот опус за квартет на Роберт Шуман, како и изданија посветени на Равел, Дебиси и Дитје. Нивниот албум со квартетите на Франц Шуберт „Розамунда“ и „Смртта и девојката“ беше награден со „Шок класика“ и трофејот „Радио класик“ во 2022 година, додека последното издание „Ехо на Виена“, објавено во 2026 година, наиде на одлични реакции кај музичката критика.

Со настапот на „Охридско лето“, францускиот квартет „Хермес“ ќе донесе врвна камерна музика и уште една меѓународна уметничка вечер пред фестивалската публика.

CATEGORIES
Share This