ШТО Е ОРТОРЕКЦИЈА? Кога здравата исхрана станува опсесија

Во светот на психологијата, термини како анорексија, булемија и емоционално прејадување се добро познати. Но, во последно време, се повеќе се спомнува орторекија – пореметување на исхраната кое произлегува од опсесијата со здравиот начин на живот. Иако грижата за исхраната сама по себе не е лоша, проблемот настанува кога здравата исхрана станува опсесија, а храната престанува да биде извор на енергија и задоволство, заменета со страв, вина и ригидни правила.
Овој термин, орторекија, потекнува од грчките зборови orthos (исправно) и orexis (апетит), а првично го дефинирал американскиот лекар Стивен Братман. За разлика од анорексијата или булемијата, фокусот кај орторекијата не е на количината на храната или телесната тежина, туку исклучиво на нејзиниот квалитет. Лицата со орторекија опсесивно анализираат составот на намирниците, избегнуваат целосни групи храна и поминуваат часови планирајќи оброци, читајќи декларации и следејќи „чисти“ правила на исхрана.
Со текот на времето, листата на дозволени намирници станува сè пократка, а секое отстапување предизвикува интензивен чувство на вина или анксиозност. Како да се препознае орторекијата? Ова пореметување се манифестира преку неколку препознатливи симптоми: ригидни правила во врска со исхраната, страв од нездрава храна, социјална изолација поради избегнување на оброци со други, како и чувство на морална супериорност поради сопствениот начин на исхрана.
Иако често се маскира како грижа за здравјето, орторекијата може да доведе до сериозни последици – нутритивни дефицити, хормонален дисбаланс, проблеми со варењето, но и психички тегоби како анксиозност, депресија и опсесивно-компулзивни образци на однесување. Важно е да се нагласи дека орторекијата не е официјално класифицирана како пореметување во меѓународните дијагностички прирачници, но стручњаците сè почесто ја препознаваат во клиничката пракса. Особено се загрозени луѓето кои се склони кон перфекционизам, како и оние кои следат екстремни трендови на велнес или поминуваат многу време на социјалните мрежи, каде што идеалната исхрана често се прикажува како единствен пат до здравје и среќа.
Како се лекува орторекијата? Лечењето на орторекијата подразбира мултидисциплинарен пристап. Психотерапијата, особено когнитивно-бихејвиоралната терапија, помага во препознавањето и менувањето на дисфункционалните уверувања за храната. Работата со нутриционист е исто така клучна, за да се прошири изборот на намирници и да се воспостави урамнотежен однос кон исхраната. Во потешки случаи, вклучувањето на психијатар може да биде неопходно. На крајот, важно е да се запамети дека здравата исхрана треба да го поддржува животот, а не да го ограничува. Правата рамнотежа подразбира флексибилност, уживање и грижа за менталното, а не само физичкото здравје.
