МАКЕДОНСКИОТ НАРОДЕН ТЕАТАР БЛЕСНА ВО ЦРНА ГОРА Никшиќ ги поздрави актерите со силен аплауз
Со претставата „Страв и надеж“, во адаптација и режија на Татјана Мандиќ Ригонат, ансамблот на МНТ го отвори 22. Меѓународен фестивал на актерот во Никшиќ

Ансамблот на Македонскиот народен театар ја имаше честа да го отвори 22. Меѓународен фестивал на актерот во Никшиќ, Црна Гора, со изведбата на претставата „Страв и надеж“.
Претставата, во адаптација и режија на Татјана Мандиќ Ригонат, предизвика силни реакции кај публиката, која по завршувањето ја поздрави актерската екипа со срдечен аплауз.
Уметничката посветеност, заедничката енергија и трудот на целиот ансамбл беа препознаени од никшичката публика, која на актерите им приреди топло добредојде. Од Македонскиот народен театар ја истакнаа благодарноста за приемот и за можноста да ја споделат сцената со публиката во Никшиќ.
„Играјќи од срце, нашите актери ја споделија сцената со публиката во Никшиќ, пред која се поклонија со длабока почит. Благодариме, Никшиќ, за топлото добредојде и за оваа убава театарска вечер“, порачаа од МНТ.
Во претставата „Страв и надеж“ настапија Сашко Коцев, Сашка Димитровска, Александар Микиќ, Дарја Ризова, Наталија Теодосиева, Никола Ристановски, Тони Михајловски, Тања Кочовска, Дамјан Цветановски и Нела Павловска.
Со оваа изведба, Македонскиот народен театар го означи почетокот на фестивалската програма и уште еднаш ја претстави македонската театарска уметност пред меѓународната публика.

