Брисел нема да ни го реши спорот со Софија – се бара поништување на вториот протокол и целосен пресврт во преговорите со ЕУ

Ако навистина сака да излезе од овој темен тунел, без никакво светло од двете страни, Македонија мора итно да формира врвно професионален и квалификуван штаб, во кој мора да има и странски консултанти

Брисел нема да ни го реши спорот со Софија – се бара поништување на вториот протокол и целосен пресврт во преговорите со ЕУ
Фото: Национал

Колумна, Национал
Амбасадор Ристо Никовски
Сабота, 07 ноември 2026 година

Предлогот за средба на министрите за надворешни работи е најверојатно резултат на нашето барање Брисел да биде дел од можни преговори со Софија? Тоа е апсолутно погрешна политика, бидејќи ние со Бугарија никогаш нема да се договориме околу клучните работи ако не ја присилиме на тоа. Првата средба веќе потврди дека тоа е губење време, ама интерес на Брисел е така да се бара решението.

Во целина, контактите со Софија се само наши нови понижувања, ама треба да ги искористиме.

Прво и основно, јасно и гласно да им повторуваме дека со нецивилизациско негирање на Македонците како посебен народ, со игнорирање на нивниот јазик, историја… ги доведуваат во прашање фундаменталните интереси на македонскиот народ и неговата држава. Тоа нема повеќе да се толерира. Пострашен говор на омраза од тоа не може ни да се замисли. Го користат токму тие, кај нас го нема, иако бесмислено нѐ обвинуваат.

Второ, договорот за (не)пријателство, како и двата протокола, се предавнички потези на претходната власт, кои ги игнорираат фундаменталните интереси на македонскиот народ и држава, па ние немаме избор, освен да ги откажеме.

Трето, тоа можеме сами да го направиме, ама е подобро да се договориме и да трасираме пат на блиска соработка!

Четврто, вториот протокол е целосно нелегален. Тој не е записник туку нов договор што, според член 13, став 2, од договорот, мора да биде ратификуван. А не е.

Петто, тоа значи дека и ултиматумот за промена на Уставот, кој доаѓа од него, е апсолутно нелегален.

Шесто, Софија не спроведува ништо од договорот за (не)пријателство.

Седмо, се обврзаа да го поддржуваат нашето членство во Унијата, а го блокираат, со тешки уцени за работи што ги нема во договорот (Уставот).

Осмо, документирано мора да се осуди жестоката агресија што со години ја водат против основните интереси на Македонија и Македонците. Наш отпор немаше, ама тој период заврши. Доколку и понатаму сакаат конфронтација, ние ја прифаќаме фрлената ракавица, ама тоа ќе биде штетно и за Бугарија.

Деветто, ако сакаат односи и соработка, тука сме, ама само на реципрочна основа, како меѓу нормални држави.

Во Софија, не смееме да бараме ништо друго! Акцискиот план за малцинствата е замка, која не смее ниту да се спомне! Меѓусебна доверба, пак, засега не можеме да градиме, бидејќи ние не исполнуваме преземени обврски!

Пред разговорите, треба да се подготви соодветна документација за сите нивни неприфатливи и навредливи ставови, која би требало да ја има во нашата амбасада во Софија, ама и во МНР. Без тоа, не треба да се оди! Треба да им се остави и копија од сетот, како доказ за нивниот говор на омраза. Разговорите неизбежно ќе бидат крајно непријатни, бидејќи на маса ќе бидат бугарските политички фантазмагории во однос на Македонија и Македонците.

Ако не сме подготвени за жестоко соочување, подобро да си седиме дома. Досега, тие немаа влакна на јазикот. Сѐ ни плескаа во лице, а пласираа и во светот. Ние, пак, ниту знаевме што сакаме, ниту – зошто!?! Затоа сме на ова дереџе. Новата власт мора да подготви прецизна и детална стратегија што и како сакаме!

Има и неколку нови докази за бугарските политики на омраза кон Македонија.

Прво, бугарскиот министер за внатрешни работи рече дека сме – српска власт! Поголема навреда и погнасно плукање врз суверена држава – не може ниту да се замисли.

Второ, случаите со Михаилова, Пендиков… се тешки манипулации. Кој може да тврди дека спомнатиот бугарски министер не ѝ издал лажен пасош на Михаилова, за без проблем да ја помине границата? Софија нема скрупули во однос на Македонија и таа политика сега го доживува своето финале, бидејќи сметаат дека ќе нѐ докусурат! Тие не се сами во своите фантазмагории.

Трето, индиректна потврда деновиве добивме и од ЕУ. Од нафталин, Брисел го извади и го актуализира почетното правило, кое досега воопшто не било искористено – дека нови службени јазици во Унијата ќе се прифаќаат само со консензус на сите членки!?! И, што мислите? Против кој јазик е тоа реактивирано? Освен македонскиот, нема друг! Светската дипломатија планира и се подготвува навреме. Ако некој сѐ уште, и по ова, мисли дека македонскиот јазик ќе биде прифатен во ЕУ – тој мора да е неписмен!

Четврто, да потсетиме и на Европскиот парламент. Пред една година, од извештајот за Македонија ги избришаа термините – „македонски идентитет“ и „македонски јазик“! „Македонски народ“ и „Македонци“, таму никогаш немало, случајно! На пленарна седница, над 70 проценти гласаа – за! Само 15 проценти беа – против! И, што ни треба повеќе? Европратениците спроведуваат државни политики, а не свои.

И претходната власт и сегашната власт – беа и се под директен неиздржлив притисок, поточно принуда, од страна на Брисел – за да капитулираат. Ниту тогаш, ама уште помалку сега, може да има оправдување за какви било предавства. Задача на власта е да ги брани националните и државните интереси, при што не може да има никакви компромиси за идентитетските прашања. Затоа, или мора да се издржи и да се победи или доброволно да се напушти сцената. А Унијата се грижи пред сѐ за своите интереси и многупати потврдила дека нашите воопшто не ги есапи. Не е спорно дека така ќе биде и понатаму. Се разбира, ако не направиме пресврт

Ситуацијата сега по малку е апсурдна: клучен проблем е преговарачката рамка, со која Македонија нема никогаш да влезе во Унијата, што значи дека судбината ни се решава во Брисел. Арно ама, за почеток, решението мора да се бара преку Софија! Таму се направени предавствата и таа е (само!) формален носител на агресијата за бришење на Македонците.

Затоа, мора да започнеме со откажување на капитулантските нелегално прифатени обврски со Бугарија, кои – доминираат во рамката. Само така можеме да ја срушиме! И Брисел со неа сака да го спречи нашето членство!

Заклучокот сам се наметнува: првиот чекор мора да биде поништување на вториот протокол, а вториот чекор суштинско расчистување на односите со Бугарија и нивно поставување на реципрочна основа – Бугари кај нас, ама и Македонци кај нив. Без тоа, Македонија нема што да бара во Унијата! Софија нема никогаш да нѐ „пушти“ како Македонци, како што и ние нема да се согласиме дека сме „Бугари по род“. Со оглед дека и Унијата го спречува нашиот прием, мора да ја менуваме целата констелација. Нема безизлезни ситуации, има само луѓе што се чувствуваат така. Со арно, и со убо, нема – ЕУ!

Ако расчистиме со Софија, а друг избор немаме – и ако ја прифатат историската вистина дека сме ние Македонци, и тоа по род, проблеми веќе нема да има ниту во Брисел. Сепак, и таму ќе мора да се избориме да нѐ третираат како и сите други кандидати, сегашни и поранешни. Со поништување на вториот протокол, автоматски се поништуваат преговарачката рамка и ултиматумот за промена на Уставот. Така, нашата задача ќе биде многу полесна!

Софија сега реализира историски соништа и синдроми, а ние се бориме за преживување. Затоа, мораме да одиме докрај. Со рамката во Брисел, тие дефинитивно нема да имаат никаква подготвеност за какви било отстапки од постигнатиот триумф. Откако ќе се потврди дека договор е невозможен, ќе имаме одврзани раце и чиста совет, со сите средства да се бориме за своите интереси. Ќе мора да започне жестока дипломатска офанзива и со радикални мерки да го спасиме тоа што сѐ уште може. Предавничките отстапки од претходната власт ќе мора да се откажуваат, почнувајќи со вториот протокол.

Нашиот предизвик е огромен, ама немаме избор. Ако не сме подготвени да се бориме за своите универзални права – а тоа значи да продолжиме да постоиме, тогаш и не треба да преживееме. Побугарувањето отворено ни го наметнуваат како решение. Ако е утеха, тоа нема да оди брзо! Народи се бришат постепено, со години, ама тоа се иреверзибилни процеси. Ги нема Тито и Коминтерната, и прекуноќ да нѐ вратат во „Бугари“! Иако ВИ веќе нѐ носи во XXII век, Бугарија е сѐ уште во првата половина на XIX! Таа одредува дали некој соседен народ и јазик постојат или не!

Ако навистина сака да излезе од овој темен тунел, без никакво светло од двете страни, Македонија мора итно да формира врвно професионален и квалификуван штаб, во кој мора да има и странски консултанти. Без нив, немаме шанси за успех. Штабот ќе треба постојано да заседава, да следи сѐ што се случува во сите центри што влијаат врз нашата судбина и дневно да предлага чекори што и како треба да се презема. Негова прва задача би била да подготви краткорочна и долгорочна стратегија за борбата за преживување на македонскиот народ. Досега, долгата бугарска агресија беше игнорирана од наша страна, се голтаа сите кнедли што ни ги подметнуваа и затоа сме на ова дереџе. Со обични мерки и со политиките како досегашните, вклучувајќи ги и тие на новата власт – нема никаде да стигнеме.

И да повториме по стоти пат. Кристално е јасно дека нема теоретски можности Софија да отстапи од своите 150-годишни историски синдроми околу Македонците. Сега, пак, кога сите аргументи се во нејзини раце, да очекуваш такво нешто е – неумно. Македонија никогаш не била похендикепирана во однос на Бугарија. Сме прифатиле едно чудо обврски, кои не ги исполнуваме, и сакаме договор! Нема такво нешто. Прифатени обврски или се спроведуваат или се откажуваат. Трето нема. Склучувањето меѓународни договори, пак, и нивното откажување се дипломатски секојдневни рутини. Ништо повеќе. Ние сме на потег. Мора да сфатиме дека македонизмот го негираат главните меѓународни фактори. Софија и Атина само профитираат.

CATEGORIES
Share This