ШПАНЦИТЕ ТВРДАТ Алварес кажа „ДА“ за Барселона, Атлетико под притисок
Атлетико би можел да прифати понуда вредна меѓу 120 и 125 милиони евра.

Хулијан Алварес би можел да биде едно од најзвучните имиња на летниот трансфер-пазар. Аргентинскиот напаѓач на Атлетико Мадрид наводно е решен да ја продолжи кариерата во Барселона и веќе ја соопштил својата желба на клубот.
Шпанските медиуми тврдат дека раководството на Атлетико прави напори да го задржи 25-годишниот фудбалер, но дека Алварес е цврсто решен да направи трансфер уште ова лето.
Според истите извори, Барселона и аргентинскиот репрезентативец веќе постигнале начелен договор за петгодишна соработка. Сепак, реализацијата на трансферот ќе зависи од преговорите меѓу двата клуба.
Се споменува сума од 120 до 125 милиони евра како потенцијална цена што би можела да го убеди Атлетико да даде зелено светло за продажба, иако официјален договор засега нема.
Доколку зделката се реализира, Алварес би бил едно од најголемите засилувања на каталонскиот гигант во последните години и значително би ги засилил амбициите на Барселона во борбата за титулите во шпанското првенство и во европските натпреварувања.
