КОГА ДОЈДОВМЕ НЕМАШЕ НИШТО Николоски откри колку е завршен автопатот Охрид-Кичево

Покрај напредокот на Охрид-Кичево, Николоски најави и нова фаза во реализацијата на автопатот Скопје-Блаце.

КОГА ДОЈДОВМЕ НЕМАШЕ НИШТО Николоски откри колку е завршен автопатот Охрид-Кичево
Фото: Принтскрин

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, изјави дека во изминатите 18 месеци се завршени 37 километри од автопатот Охрид-Кичево и оцени дека тоа е доказ за сериозниот пристап на Владата кон реализацијата на инфраструктурните проекти.

Тој ја обвини претходната влада дека седум години не работела на проектот и дека од политички причини го оставила во застој.

„Кога ја презедовме одговорноста, на трасата немаше ниту метар асфалт. По детална анализа на состојбата, за околу година и половина активна работа успеавме да завршиме 37 километри, што претставува значаен напредок“, рече Николоски.

Тој нагласи дека не може актуелната власт да сноси одговорност за, како што рече, седумгодишниот застој на проектот, додавајќи дека сегашното темпо на работа покажува дека Владата е посветена на завршување и на наследените инфраструктурни проекти.

Осврнувајќи се на автопатот Скопје-Блаце, Николоски најави дека изборот на изведувач е во завршна фаза и дека одлуката се очекува во наредните недели.

„Проектот се реализира со финансиска поддршка од Европската банка за обнова и развој, дел преку кредит и дел преку грант, поради што се следат процедурите на банката. Очекувам ЕБОР во следните недели да го избере изведувачот, по што ќе започнат градежните работи“, изјави министерот.

Според него, рокот за изградба на автопатот Скопје-Блаце е три и пол години, согласно условите и процедурите на ЕБОР.

CATEGORIES
Share This