ШЕХЕРЕЗАДА ГО ОТВОРИ 35. ИНТЕРФЕСТ Битола повторно центар на класичната музика
Јубилејното издание на Интернационалниот фестивал на класична музика започна со балетот на Римски-Корсаков, а вечерва следува концерт на легендарниот италијански пијанист Бруно Канино.

Со балетската претстава „Шехерезада“ од Николај Римски-Корсаков, во изведба на Националната опера и балет, синоќа во Битола беше отворено 35. јубилејно издание на Интернационалниот фестивал на класична музика „Интерфест“.
Фестивалот го прогласи за отворен градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, кој им посака добредојде на македонските и странските уметници што во наредните денови ќе настапуваат во градот.
„Убавината на класичната музика и уметност по 35-ти пат одекнува од градот на клавирите, благодарение на неуморноста на фестивалските творци и почитуваните уметници, брачната двојка Рибарски. Овој фестивал е особено значаен за нашите ученици од Државното музичко училиште и нивните професори, кои се покажале и докажале како расадник на уметници во светот на класичната музика“, истакна Коњановски.
На отворањето се обрати и уметничката директорка на „Интерфест“, Милица Шперовиќ Рибарски. Пред свеченото отворање таа ја промовираше и ликовната изложба „Современа италијанска графика и цртеж“.
Јубилејното издание на „Интерфест“ продолжува вечерва со концерт на Бруно Канино, еден од најпознатите имиња на италијанскиот пијанизам. Канино од 20 часот ќе настапи во концертната сала на битолскиот Офицерски дом, каде што ќе изведе дела од Скарлати, Клементи, Петраси и Дебиси.
Со богата програма и учество на македонски и странски уметници, „Интерфест“ и годинава ја продолжува традицијата Битола да биде едно од значајните места за класичната музика во земјава.

