СЕДЛОСКИ ПРЕСЕЧЕ Миовски отпадна од репрезентацијата, нов напаѓач на списокот

Селекторот ги објави избраниците за последните два натпревари во Лигата на нации против Шкотска и Словенија.

СЕДЛОСКИ ПРЕСЕЧЕ Миовски отпадна од репрезентацијата, нов напаѓач на списокот
Фото: Принтскрин

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Гоце Седлоски, го објави списокот на фудбалери на кои ќе смета за последните два натпревари од Лигата на нации во Б-дивизијата, против Шкотска на гостински терен и Словенија во Скопје.

Најголемото изненадување е отсуството на Бојан Миовски, напаѓачот на шкотски Ренџерс, кој овојпат нема да биде дел од националниот тим. На негово место како ново име во составот е повикан Марко Ѓорѓиевски од Шкендија.

На списокот повторно се најде Дарко Чурлинов, кој претходниот пат не беше достапен поради административни проблеми. Повратник е и Стефан Деспотовски од ОФК Београд, кој претходно настапи на пријателските натпревари против Босна и Херцеговина и Турција.

По паузата поради повреда на раката, во репрезентацијата се враќа Никола Серафимов, а повторно е повикан и Имран Фетаи. Од друга страна, меѓу избраниците на Седлоски овојпат го нема искусниот дефанзивец Ѓоко Зајков.

Својот список за завршните два натпревари од Лигата на нации го објави и словенечкиот селектор Боштјан Цесар, кој ќе ја предводи репрезентацијата и на гостувањето во Скопје на 16 ноември. Словенците се одлучија за состав без поголеми изненадувања, но со едно ново име. Станува збор за Реља Орбиќ, фудбалер на италијанска Аталанта и клупски соиграч на македонскиот репрезентативец Елиф Елмас, кој ќе има можност да дебитира во сениорската репрезентација.

Сепак, најголемото внимание го привлекува отсуството на Бенјамин Шешко. Напаѓачот, кој е најголемата ѕвезда на словенечкиот национален тим, повторно нема да биде на располагање поради повреда.

Пред објавувањето на списокот, Седлоски испрати и јасна порака до фудбалерите, нагласувајќи дека очекува максимална посветеност и однос кон националниот дрес.

„Како што уште на почетокот кажав, мислам дека атмосферата е супер. Но нема повеќе да дозволам да доаѓаат тука играчи од страна, само за да се видат со роднини и пријатели, да одиграат 90 минути и да си заминат во своите клубови.

Јас сум бил играч, знам како било, сум доаѓал од страна тука. Доколку се остава сè на теренот, јас знам кога да ги пуштам играчите, знам кога да им дадам слободно, знам кога треба да бидат фокусирани на тренинг, а кога на натпревар. Не можам јас да бидам крив ако некој не се залага на тренинг или ако не се залага на натпревар. Нормално, местото нема да му биде тука, за кој било да станува збор“, порача Седлоски.

Седлоски очекува неговите избраници да влезат храбро и агресивно во дуелот со Шкотска, каде што ги очекува атмосфера пред околу 60.000 гледачи. Воедно, посакува Македонија конечно да ја искористи создадената шанса и да постигне гол.

„Што ќе барам од нив сега? Играме со Шкотска. Доколку ние не влеземе агресивно, доколку отидеме таму да се уплашиме… подобро да не одиме. Таму има 60.000 публика. Сум играл на тој стадион, знам каква е атмосферата.

Мора секој кој ќе излезе на теренот да го даде максимумот доколку сакаме да направиме успех, а дури потоа ќе мислиме за натпреварот со Словенија тука. Играчите се тие, нормално е и тие да бидат малку под стрес. Пред таква публика и на таков стадион, треба да излеземе, да одиграме машки, храбро и да не се плашиме. Јас никогаш не сум барал од моите играчи да застанат позади и да се бранат“, изјави селекторот.

Тој додаде дека и покрај тоа што Македонија во последните натпревари создава шанси, реализацијата останува проблем.

„Сега, за жал, го немаме тој гол постигнато, но создаваме шанси овие две-три утакмици што ги играме. Ќе излеземе таму, исто како и на претходните натпревари, да дадеме гол. Е сега, колку противникот ќе ни дозволи тоа најпрво ќе го видиме на теренот“, заклучи Седлоски.

Македонија првиот од двата натпревари ќе го одигра на гостувањето кај Шкотска на 13 ноември, додека на 16 ноември во Скопје ќе ја пречека Словенија.

CATEGORIES
Share This