ГОЛЕМ ПРЕСВРТ Апелација донесе ослободителна пресуда за Боки 13
Апелациониот суд ја преиначил првостепената пресуда од октомври 2025 година, со која Јовановски беше осуден на пет години затвор за измама и перење пари.

Апелациониот суд во Скопје донел ослободителна пресуда за Бојан Јовановски – Боки 13 во случајот „Меѓународен сојуз“, со што ја преиначил првостепената пресуда од пет години затвор. Ослободени се и другите обвинети во истиот предмет.
Информацијата ја објави неговиот адвокат Сашко Дуковски на социјалните мрежи.
„Ете, правдата е спора, но достижна! Апелациониот суд во Скопје денес донесе ослободителна пресуда за Бојан Јовановски во предметот ‘Меѓународен сојуз’. Со тоа ја преиначи првостепената пресуда на Основниот кривичен суд од пет години!“, напиша Дуковски.
Во повторената постапка, во октомври 2025 година, Основниот кривичен суд Скопје му изрече на Јовановски единствена затворска казна од пет години за кривичните дела измама и перење пари. Тоа беше намалување во однос на првичната пресуда од април 2022 година, кога беше осуден на девет години затвор.
Во април 2024 година, Апелациониот суд ја уважи жалбата на обвинетите, ја укина првостепената пресуда и го врати предметот на повторно судење.
Претходно, Апелација ја потврди ослободителната пресуда за поранешната пратеничка Фросина Ташевска-Ременски, додека првичните пресуди за дел од останатите обвинети беа укинати.
Судскиот процес започна во јули 2020 година и се однесуваше на работењето на невладината организација „Меѓународен сојуз“. Според обвинението, преку организацијата биле измамени бизнисмени за парични средства наменети за наводна изградба на центри за стари лица и реализација на социјални проекти.
Со најновата одлука на Апелациониот суд, Јовановски е ослободен од обвинението во овој предмет. Во март 2025 година, Апелациониот суд му ја намали казната во случајот „Рекет“ од девет на пет години затвор. Во тој период Јовановски користеше отпуст од затвор поради лекување, а оттогаш е на слобода.

