БАЈРАМИ НА СЛОБОДА Излегува од притвор со гаранција од 1,14 милиони евра

Кривичниот совет ја укина мерката притвор за поранешниот директор на Државна лотарија, а решението стана правосилно откако обвинителството и странките се откажаа од жалба.

БАЈРАМИ НА СЛОБОДА Излегува од притвор со гаранција од 1,14 милиони евра
Фото: Принтскрин

Поранешниот директор на Државна лотарија и првообвинет во предметот „Лотарија“, Перпарим Бајрами, наскоро ќе излезе од затворот „Скопје“, откако Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје донесе одлука за укинување на мерката притвор и прифати гаранција во недвижен имот во вредност од 1.140.781 евро.

Решението денеска стана правосилно, откако надлежниот јавен обвинител и останатите странки во постапката се откажаа од правото на жалба.

Од Основниот кривичен суд Скопје информираат дека одлуката е донесена по предлог на одбраната на Бајрами, поднесен на 14 октомври 2026 година, со кој било побарано притворот да биде заменет со гаранција.

„Кривичниот совет го усвои предлогот, ја укина мерката притвор и прифати гаранција во износ од 1.140.781 евро, во недвижен имот“, соопштија од Судот.

Сепак, укинувањето на притворот не значи дека Бајрами ќе може слободно да патува или да го избегнува судењето. Покрај имотната гаранција, му се определени и дополнителни мерки за претпазливост. Така, ќе му биде одземена патната исправа, нема да смее да му биде издадена нова исправа за преминување на државната граница, а ќе има и обврска редовно да се јавува во Судот.

Од Кривичниот суд појаснуваат дека Основното јавно обвинителство Скопје на 13 август 2026 година поднело обвинителен предлог против Бајрами за кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“, за кое е предвидена казна затвор до пет години.

Притворот му бил определен по неговото пронаоѓање и лишување од слобода, бидејќи претходно бил недостапен за органите на прогонот. Според законските одредби од Законот за кривичната постапка, притворот за ова кривично дело не може да трае подолго од 60 дена.

Бајрами на 9 септември 2026 година сам се пријавил на издржување на мерката во КПУ Затвор Скопје, по што максималниот законски рок за притвор истекувал на 8 ноември. Неговото пуштање од затворот ќе следува веднаш по завршувањето на административната постапка за запишување на хипотеката врз понудениот недвижен имот во Катастарот на недвижности.

CATEGORIES
Share This