НЕМА ПОВЕЌЕ МАКЕДОНЕЦОТ ДА БИДЕ СЛУГА НА ТУЃИ ИНТЕРЕСИ Тасковски најавува суверенистичка платформа
Лидерот на „ЕРА ТРЕТА“ за „Национал“ ги открива 12-те точки на Македонската национална декларација и порачува дека нема политичко обединување без целосно прифаќање на македонските национални и државни интереси.

Во изјава за „Национал“, лидерот на Македонското Суверенистичко Движење -ЕРА ТРЕТА , Горан Тасковски, ги образложува основните политички определби на партијата, со посебен акцент на суверенизмот, одбраната на македонскиот национален идентитет и државност и потребата од обединување околу Македонската национална и народна декларација.
Тасковски истакнува дека основната политичка определба на партијата е суверенизмот, кој, според него, претставува неопходен одговор на долгогодишните политички отстапки, понижувања и непочитување на македонскиот народ и неговите национални интереси. Поддршката на суверенизмот е оправдана и легитимна, особено по, како што оценува, навредите и понижувањата на македонскиот народ од страна на двете политички структури кои ги нарекува глобалистички.
Според него, Македонија има потреба од коренито и темелно зацврстување на сè што е македонско, како основа за зачувување на националниот идентитет, државноста и иднината на народот.
„За да биде која било политичка структура, организација или поединец дел од Третата ера и идната суверенистичка власт во Македонија, задолжително, без преговори и компромиси, мора да ја прифати Македонската национална и народна декларација, односно платформа. Нема повеќе лажни, виртуелни и непринципиелни коалиции, ниту глумење родољубие и меѓусебно почитување на сметка на грбот и иднината на македонскиот народ“, порачува Тасковски.
Тој додава дека, според политичката визија на „ЕРА ТРЕТА“, мора да престане практиката Македонците да бидат ставани во служба на туѓи интереси и да се прифаќаат политики кои, како што наведува, ги загрозуваат македонските национални и државни интереси само заради освојување или задржување на власта.
Во таа насока, Тасковски ја претставува Македонската национална/народна декларација како основа за политичко обединување и услов за идно политичко дејствување. Платформата содржи 12 точки, меѓу кои се историското обединување на Македонците, одбраната на националните и народните интереси, почитувањето на Уставот и законите, како и определбата името на државата да биде Република Македонија, а јазикот македонски.
Во декларацијата се наведуваат и ставовите на партијата за македонското државно знаме со златното сонце со шеснаесет краци, лавот како национален симбол, Македонската православна црква – Охридска архиепископија, правата и положбата на Македонците во соседните држави и почитувањето на одлуките од референдумите.
Посебно внимание во платформата се посветува на спречувањето каква било промена или откажување од, како што се наведува, македонското државно име, јазикот, националните интереси и црковниот идентитет. Декларацијата предвидува и политичка одговорност за оние кои ќе прифатат решенија што партијата ги смета за спротивни на македонските национални интереси.
„Ова е земјата на Филип и Александар, земјата на христијанската православна вера, на македонскиот јазик, писменост и култура, на праведноста и човековото постоење. Македонија не може да се уништи“, порачува Тасковски.
Под мотото „За татковината, за народот, за иднината“, „ЕРА ТРЕТА“ се претставува како македонско суверенистичко движење, чија политичка определба, според Тасковски, е обединување околу национална декларација и создавање политичка платформа во која македонските национални и народни интереси ќе бидат поставени во центарот на политичкото дејствување.

