СЕ МЕНУВААТ ПРАВИЛАТА ЗА СМЕТКИТЕ ЗА СТРУЈА – Што значи ова за граѓаните
РКЕ отвора дебата дали е праведно да постојат пет различни цени за електрична енергија

Системот на блок-тарифи во сметките за електрична енергија за домаќинствата и малите потрошувачи повторно ќе биде предмет на анализа, а не се исклучува можноста за негово укинување или целосно редизајнирање. Под прашање може да се најде и евтината тарифа, која досега им носеше заштеди на граѓаните.
Новиот претседател на Регулаторната комисија за енергетика, Ацо Ристов, оцени дека не е логично ист производ, електричната енергија да има пет различни цени, односно четири во рамки на блок-тарифите и уште една во евтината тарифа. Тој најави дека ќе се отвори дебата за тоа дали постојниот модел треба да остане, да се измени или да се прераспредели на поинаков начин.
Според него, потребно е да се направи детална анализа на ефектите од досегашната примена на блок-тарифите, кои во Македонија се воведени од 1 јули 2022 година како дел од реформата на тарифниот систем за домаќинствата во рамки на универзалниот снабдувач. Системот предвидува пониска цена за помала потрошувачка, а повисока за поголема.
Ристов нагласи дека не станува збор за укинување веднаш, туку за преиспитување и евентуално подобрување на моделот, при што ќе се земат предвид и искуствата од земјите во регионот, со цел да се изнајде поправеден систем за крајните потрошувачи.
