СВЕТОТ СЕ ПОДГОТВУВА ЗА НЕДОСТИГ НА БАКАР, А МАКЕДОНИЈА ИМА НЕИСКОРИСТЕН ПОТЕНЦИЈАЛ Иловица може да произведува 16.000 тони годишно
Додека Европа бара нови извори на критични суровини и стратешки залихи, проектот „Иловица-Штука“, со потенцијал за производство од 16.000 тони бакар годишно, сè уште не е реализиран.

Бакарот станува една од стратешки најважните суровини за светската економија, а растечката побарувачка, недоволните инвестиции и бавното отворање нови рудници создаваат ризик од сериозен недостиг во наредните децении. Според проценките на BloombergNEF, за да се избегне голем шок во снабдувањето, во рударскиот сектор се потребни дополнителни инвестиции од околу 332 милијарди долари.
Побарувачката за бакар поврзана со електрификацијата се очекува да порасне за 89 проценти и до 2050 година да достигне 23,3 милиони тони. Сепак, дури и со реализација на потребните инвестиции, недостигот би можел да продолжи најмалку до 2043 година.
Една од главните причини за ваквите прогнози е долгото време потребно за отворање нови рудници. Од почетокот на развојот на еден рударски проект до неговото пуштање во производство во просек поминуваат околу 17 години. Тоа значи дека инвестиционите одлуки што се носат денес ќе имаат директни последици врз снабдувањето со бакар во иднина.
„Се очекува пазарот на бакар да влезе во дефицит во 2028 година, бидејќи побарувачката се зголемува, а производителите се борат да го компензираат падот на производството“, се наведува во извештајот.
Најбрзорастечка област во која се користи бакарот е електричниот транспорт. Електричните автомобили, камиони и автобуси бараат големи количества од овој метал за електромоторите, инверторите, батериите, високонапонските кабли и инфраструктурата за полнење. Бакарот истовремено останува незаменлива суровина во градежништвото, индустриското производство и производството на стоки за широка потрошувачка.
Овие трендови ја зголемуваат стратешката важност на рударството и ја наметнуваат потребата од навремено планирање и отворање нови производствени капацитети за критични суровини. Во вакви околности повторно се актуелизира потенцијалот на наоѓалиштето на бакар „Иловица-Штука“, кое се посочува како најголем потенцијален гринфилд рударски проект во Македонија.
Станува збор за инвестиција чија првично проценета вредност изнесува околу 350 милиони евра, но проектот сè уште не е реализиран, иако од издавањето на дозволата за геолошки истражувања во 2004 година поминале повеќе од две децении. Подоцнежните истражувања покажале можност за просечно годишно производство до 16.000 тони бакар, со проценет работен век на рудникот од околу 23 години.
И во претходна анализа на професори од Универзитетот во Штип беше нагласено дека порфириското наоѓалиште „Иловица-Штука“ претставува најголем потенцијал за развој на нов рударски проект во земјата. На глобално ниво, според аналитичарите, веројатно постојат доволни резерви на бакар под земјата, но проблемот е што отворањето нови рудници и проширувањето на постојните не се одвиваат со брзина што може да го надомести намаленото производство од веќе активните наоѓалишта.
Еви Хамбро, глобален раководител за тематски и секторски инвестиции во BlackRock, во интервју за Bloomberg посочи дека рударскиот сектор се соочува со сериозни ограничувања во зголемувањето на производството. Таа предупреди дека проценките за производството во постојните рудници се намалуваат поради староста и исцрпеноста на наоѓалиштата, додека недостасува доволен развој на нови рударски капацитети.
Дополнителен проблем е намалувањето на концентрацијата на бакар во ископаната руда, што ги зголемува трошоците за производство. Рециклирањето, пак, не се очекува да биде доволно за целосно да го надомести намаленото производство од примарните извори. Истовремено, високата електрична спроводливост и издржливоста на бакарот го прават исклучително тешко заменлив со други метали.
Растечкиот ризик од недостиг на критични суровини веќе предизвикува загриженост и кај најголемите европски економии. Германскиот канцелар Фридрих Мерц минатата недела, на самит за енергетика, порача дека Европа мора да создаде стратешки залихи на критични суровини за да ја намали зависноста од земјите што доминираат во нивното ископување и преработка.
„Без критични суровини не би имало батерии, ниту електрични мотори со високи перформанси, ниту современи полупроводници, а ниту многу други технологии од кои ќе зависат нашите економии во иднина. Државите мора да помогнат во диверзификацијата на изворите на снабдување, да го зајакнат рециклирањето и циркуларната економија. Ова е многу конкретен предлог што го изнесувам – Брисел да создаде залихи на европско ниво“, истакна Мерц.
Како што потсетува Ројтерс, Европската Унија и другите големи западни економии во значителна мера зависат од Кина за снабдување со критични минерали и компоненти, вклучително и батерии и ретки земни елементи. Овие суровини имаат клучна улога во одбранбената, воздухопловната, вселенската и автомобилската индустрија, како и во производството на технологии за обновливи извори на енергија.
Растечката побарувачка за бакар и другите критични суровини така станува не само економско, туку и прашање на енергетска и национална безбедност.
РУДНИЦИТЕ НОСАТ МИЛИОНИ, А ШТО ДОБИВААТ ГРАЃАНИТЕ 293 милиони денари во четири општини

