СЕ БАРА НОВО РЕДЕФИНИРАЊЕ НА ГРАНИЦИТЕ – Нови општини за Македонците во Албанија
Иницијатива за нова територијална организација во Албанија.

Здружението „ВМРО-ДПМНЕ Албанија“ достави официјално барање до парламентарната комисија за административно-територијална реформа во Тирана, во кое предлага формирање на две нови општини Голо Брдо и Гора како дел од најавените измени во територијалната организација на државата.
Според претседателката на здружението, Елена Симоновски, иницијативата има цел институционално да ги адресира потребите на жителите од овие региони и да обезбеди поефикасна заштита на нивните уставно загарантирани права. Таа нагласува дека создавањето на нови општини би придонело за поправедна локална застапеност, подобар пристап до јавни услуги и порамномерен регионален развој.
„Ова прашање не е само административно, туку се однесува на еднаквоста, достоинството и зачувувањето на идентитетот. Овие региони со години се соочуваат со институционална запоставеност, ограничен пристап до услуги и недоволна застапеност на локално ниво“, изјави Симоновски.
Во барањето се наведува дека формирањето на општините би значело поголема политичка и институционална застапеност на граѓаните, развој на локалните заедници и усогласување со европските стандарди за локална самоуправа.
Од здружението апелираат албанските институции да покажат дека принципите на еднаквост и недискриминација важат за сите граѓани, оценувајќи ја иницијативата како можност за корекција на, како што велат, долгогодишни неправди.
Иницијативата доаѓа во период на подготовка на нов закон за територијална поделба во Албанија. Со реформата од 2017 година, бројот на општини беше намален од 373 на 61, при што единствена општина со доминантно македонско население остана Пустец.
Тогашните промени доведоа до укинување на општините во Голо Брдо и Гора, кои беа интегрирани во поголеми административни единици, што, според подносителите на иницијативата, резултирало со намалена видливост и застапеност на локалното население.
