САКИПОВ СО ОСТАР СТАВ Кој им даде право на неколкумина да одлучуваат за иднината на Ромите?
Претседателот на ДПР реагира на форумот во Клубот на пратениците и порачува дека за Ромите не може да се разговара со селективно избрани претставници.

Демократската партија на Ромите реагира на начинот на кој беше организиран политичкиот форум и завршната конференција во Клубот на пратениците во Скопје, во рамките на проектот „Ромскиот граѓански сектор за пристап кон ЕУ“.
ДПР го поздравува секој настан посветен на унапредувањето на положбата на Ромите, европската интеграција и реформските процеси. Но, истовремено, поставуваме едно суштинско прашање: како може да се разговара за иднината и политиките за Ромите, а притоа да не бидат рамноправно застапени сите релевантни ромски политички претставници?
Кога се разговара за политики што директно ја засегаат ромската заедница – образование, социјална политика, вработување, инклузија и европска интеграција, политичкиот дијалог мора да биде отворен и инклузивен.
„Не може да се зборува за иднината на Ромите, а притоа да се избира кој од Ромите и која ромска политичка партија ќе има право да зборува. Ако се организира форум за политики за Ромите, тогаш треба да бидат поканети сите релевантни политички претставници и секој да има можност да го каже својот став. Демократијата подразбира различни мислења, а не селективно претставување“, порача претседателот на Демократската партија на Ромите, Миљазим Сакипов.
ДПР смета дека е особено важно во процесите поврзани со европската интеграција и реформите да не се создава впечаток дека само одредени политички субјекти имаат мандат да зборуваат во име на целата ромска заедница.
„За Ромите не треба да се одлучува без Ромите. Но, исто така, за Ромите не треба да зборуваат само оние што некој однапред ги избрал да бидат присутни“ – вели Сакипов.
ДПР бара идните форуми, конференции и консултативни процеси поврзани со ромската инклузија и европската интеграција да бидат организирани врз принципите на отвореност, транспарентност и рамноправно учество на релевантните политички и граѓански претставници.
Особено кога станува збор за европските реформи и националните политики за ромска инклузија, потребен е вистински политички и институционален дијалог, а не селективно претставување.
Демократската партија на Ромите ќе продолжи да бара институциите и организаторите на ваквите процеси да ја почитуваат политичката разновидност во ромската заедница и да овозможат сите релевантни претставници да ги изложат своите ставови посебно кога станува збор за ДПР која во моментот е најсилниот и водечки субјект кој секогаш е на страната на Ромите.
„Ромите имаат право сами да го избираат својот политички глас. Никој нема право да поставува монопол врз тоа кој ќе зборува во нивно име“, истакна Сакипов.

