САД УДРИЈА ВРЗ ИРАН – Прво обраќање на Трамп, нападот беше најтешкиот досега, но не и последниот
Според изјави од американски претставници, Вашингтон го известил Техеран дека воздушните удари претставуваат ограничена воена акција и дека САД немаат намера за промена на иранскиот режим.

Во сериозна ескалација на тензиите на Блискиот Исток, американски бомбардери, во тесна координација со Израел, нападнаа три ирански нуклеарни постројки. Нападот, кој следеше по неделна дипломатска неизвесност, ја заострува ситуацијата во регионот.
Една од целите бил подземниот нуклеарен објект во Фордо – клучна компонента на иранската програма за збогатување ураниум. Засега не е официјално потврдено колкав е степенот на штета врз таа постројка.
Според изјави од американски претставници, Вашингтон го известил Техеран дека воздушните удари претставуваат ограничена воена акција и дека САД немаат намера за промена на иранскиот режим.
Иран претходно предупреди дека секоја воена агресија ќе предизвика жесток одговор и може да доведе до поширок регионален конфликт.
Набргу пред нападот, агенцијата Ројтерс објави дека САД распоредиле бомбардери Б-2 во Пацификот. Овие „невидливи“ летала се опремени за носење на тешката бомба GBU-57, позната како Massive Ordnance Penetrator, тешка 13.600 килограми – специјално дизајнирана за уништување на длабоко утврдени подземни цели како иранските нуклеарни објекти.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, во своето прво јавно обраќање по синоќешните напади врз Иран, потврди дека американските воздушни сили извеле удари врз три клучни ирански нуклеарни објекти. Овој потег се смета за сериозна ескалација на конфликтот меѓу Иран и Израел.
„Запомнете, сè уште има многу цели. Вечерашната акција беше најтешка досега, а можеби и најсмртоносна. Доколку не дојде до брз мир, подготвени сме да ги погодиме останатите цели со прецизност, брзина и вештина“ – изјави Трамп во кратко телевизиско обраќање до американската јавност.
Според информациите, меѓу погодените цели се наоѓа и објектот „Фордо“, кој е клучен за иранската програма за збогатување ураниум. Нападнати биле и постројките во Исфахан и Натанц.
Иако обемот на штетата засега не е целосно утврден, Трамп увери дека сите три цели се „целосно уништени“.
Израелските власти потврдија дека акцијата е изведена во целосна координација со САД. На заедничка прес-конференција, американскиот претседател им се заблагодари на израелските партнери и ја пофали „високата ефикасност“ на американските воздухопловни сили.


