ЦЕЛОСНО НА АЛБАНСКИ ИЛИ ПРОТЕСТИ Студентите не го прифаќаат предлогот на Шасивари

Министерот понуди делумен компромис, но студентскиот правобранител порача дека кандидатите треба да го полагаат испитот на албански јазик.

ЦЕЛОСНО НА АЛБАНСКИ ИЛИ ПРОТЕСТИ Студентите не го прифаќаат предлогот на Шасивари
Фото: Принтскрин

Неколкучасовната средба меѓу министерот за правда Јетон Шасивари, дел од студентите и деканите на правните факултети не резултираше со целосен договор за начинот на полагање на правосудниот испит на албански јазик. Студентите остануваат на барањето испитот во целост да се полага на албански, а не ја исклучуваат можноста за нови протести доколку не се најде решение што ќе ги задоволи нивните барања.

На средбата, министерот Шасивари го презентирал предложениот модел, според кој теоретскиот дел, односно 12 предмети, би се полагал на албански јазик, додека двата предмети од практичниот дел би се полагале на македонски.

За дел од студентите ова претставува чекор напред, но не и решение што целосно ги исполнува нивните очекувања.

Сухејб Мемеди, студентски правобранител на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, порача дека студентите инсистираат на правото да го полагаат испитот на албански јазик.

„Сум гледал по медиумите дека, еве, живеете во Македонија, треба да знаете македонски јазик. Не. Јас живеам во моја татковина и во моја држава и ми следува албански јазик да зборувам. Немам ништо против македонскиот јазик. Јас го знам терминолошки, не го знам добро, но колку што можам… Не ми е срам да го зборувам пред вас, медиумите, и пред сите мои колеги“, изјави Мемеди.

Пред средбата, министерот за правда Јетон Шасивари посочи дека институциите имаат обврска да обезбедат еднакви можности за кандидатите, во согласност со Уставот, законите и европските стандарди.

Според него, предложените измени треба да воспостават рамнотежа меѓу правото на кандидатите да го користат јазикот на кој ги завршиле правните студии и потребата од единствен и професионален правосуден систем.

„Овој модел има за цел да обезбеди порамноправни можности за кандидатите кои ги завршиле правните студии на друг јазик, истовремено зачувувајќи го единствениот професионален стандард што се бара за вршење на правните функции“, изјави Шасивари.

Спорот околу јазикот на полагање на правосудниот испит трае подолг период. Во април, дел од студентите излегоа на протести со барање испитот целосно да се полага на албански јазик.

Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието, изјави дека нема да поддржи двојазичност или повеќејазичност во правосудството. Тој се повика на важечкото законодавство и посочи дека треба да се најде решение за кандидатите кои сакаат да го полагаат испитот на својот јазик, вклучително и на албански, но со еднакви критериуми за оценување.

Мицкоски тогаш се повика и на мислењето на Венецијанската комисија, наведувајќи дека таа препорачала напуштање на двојазичноста во правосудството и враќање на законското решение од 2008-2009 година.

По последната средба во Министерството за правда, останува отворено прашањето дали предложениот компромис ќе биде прифатен од студентите или несогласувањата ќе продолжат, со можност за нови протести.

СТУДЕНТИТЕ БАРААТ СИТЕ 14 ПРЕДМЕТИ НА АЛБАНСКИ Шасивари нуди компромис, ДУИ најавува политичка битка

CATEGORIES
TAGS
Share This