АПЕЛАЦИЈА ПРЕСЕЧЕ Една година и седум месеци затвор за поранешниот владин генерален секретар Мухамед Зеќири
Зеќири е осуден за злоупотреба на службената положба при склучување договори без јавна набавка, а според Обвинителството, државниот буџет бил оштетен за над 1,1 милион евра.

Апелацискиот суд му изрече затворска казна од една година и седум месеци на поранешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зеќири, објави „Коха“.
Зеќири се товари за злоупотреба на службената положба и овластувањата при склучување договори за консултантски услуги поврзани со анализа на состојбите и можната приватизација на „Македонска пошта“ и „Македонски железници“.
Спорните договори биле склучени без спроведување постапка за јавна набавка, а според наводите на Обвинителството, со нив на државниот буџет му била нанесена штета од над 1,1 милион евра.
Одлуката на Апелацискиот суд следува по повтореното судење во овој предмет.
Судот посочува дека е наредена конфискација на имот од компанијата „Интерхолдинг“, која била изведувач на договорените услуги, но не и конфискација на имот од Зеќири.
Поранешниот владин функционер има право во рок од осум дена да поднесе жалба до Врховниот суд.

