РУДАРСТВОТО ПОВТОРНО ВО ФОКУС „И здравје и работа“ бара деблокирање на рударските проекти

Падот на индустриското производство и двоцифрениот пад во рударството повторно го отвораат прашањето дали неискористениот потенцијал на домашните природни ресурси може да стане нов извор на инвестиции, работни места и економски развој.

РУДАРСТВОТО ПОВТОРНО ВО ФОКУС „И здравје и работа“ бара деблокирање на рударските проекти
Фото: Принтскрин

Падот на индустриското производство, а особено намалувањето на активноста во рударскиот сектор, повторно го отвора прашањето за економскиот потенцијал на природните ресурси во земјава. Според податоците на Државниот завод за статистика за август 2026 година, индустриското производство е намалено за 1,9 проценти на годишно ниво, додека во секторот рударство и вадење камен е регистриран пад од 10,1 процент.

Во вакви услови, иницијативата „И Здравје и Работа“ смета дека е потребна поширока јавна дебата за иднината на рударскиот сектор, привлекувањето инвестиции и можностите за активирање на домашните економски потенцијали.

Од иницијативата оценуваат дека рударството може да биде еден од двигателите на индустриското производство и економскиот раст, но под услов проектите да се реализираат одговорно и одржливо.

„Рударството не треба да се гледа единствено како ископување минерални суровини, туку и како можност за развој на цел синџир економски активности – од инвестиции и нови работни места до ангажирање на домашни компании, развој на инфраструктурата и зголемување на приходите во локалните заедници“, посочуваат од „И Здравје и Работа“.

Според иницијативата, одблокирањето на рударските проекти, со почитување на законските процедури и високите стандарди за заштита на животната средина, може да придонесе за зголемување на индустриската активност и отворање нови економски можности.

Од иницијативата посебно го издвојуваат проектот Иловица-Штука, за кој оценуваат дека има потенцијал да придонесе кон економски развој преку инвестиции, директни и индиректни работни места и дополнителна побарувачка за производи и услуги од домашните компании.

Според нив, реализацијата на вакви проекти може да го поттикне локалното стопанство и да создаде нови можности за младите и квалификуваните кадри.

„И Здравје и Работа“ нагласува дека економскиот развој и заштитата на здравјето на луѓето и животната средина треба да се разгледуваат истовремено.

Тоа, според иницијативата, подразбира доследна примена на законите, соодветни процени на влијанијата врз животната средина, примена на современи технологии, независен мониторинг и отчетност во сите фази од работењето.

Иницијативата повикува на аргументирана јавна дебата за иднината на рударскиот сектор и за потенцијалните економски ефекти од одговорните инвестиции.

Во услови на намалена индустриска активност, „И Здравје и Работа“ смета дека треба да се разгледаат сите проекти што можат да придонесат за економски развој, истовремено со обезбедување високи стандарди за заштита на здравјето и животната средина.

Според иницијативата, деблокирањето на рударските проекти може да биде дел од поширока стратегија за зајакнување на домашното производство, подобрување на инвестициската клима и создавање долгорочни економски можности.

CATEGORIES
Share This