РЕАЛ МАДРИД ВО АКЦИЈА – Една клаузула може да го отвори патот за Мурињо

Бенфика подготвува нов долгогодишен договор за да го задржи Жозе Мурињо.

РЕАЛ МАДРИД ВО АКЦИЈА – Една клаузула може да го отвори патот за Мурињо
Фото: Принтскрин

Раководството на Бенфика е решено да го задржи тренерот Жозе Мурињо, и покрај зголемениот интерес од Реал Мадрид.

Според португалскиот медиум „О Јого“, претседателот на клубот, Руи Коста, оваа недела одржал состанок со Мурињо за да ги разгледаат плановите за наредната сезона. Бенфика планира да му понуди нов договор кој би траел до 2028 или 2029 година.

Актуелниот договор на Мурињо е важечки до летото 2027 година, но содржи клаузула според која тренерот може да замине за отштета од 3 милиони евра, доколку тоа го направи во рок од 10 дена по завршувањето на сезоната. Оваа ситуација го отвора просторот за евентуална брза реакција од Реал Мадрид, доколку клубот одлучи да го ангажира.

Сепак, самиот Мурињо ги отфрли шпекулациите за преговори со шпанскиот гигант. Тој за португалската „А Бола“ изјави дека не бил контактиран од Реал Мадрид и дека нема никакви разговори.

„Никој од Реал Мадрид не ме контактирал, тоа можам да го гарантирам. Со години сум во фудбалот и навикнат сум на вакви гласини, но нема ништо вистинито“, порача Мурињо.

И покрај шпекулациите, неговиот договор со Бенфика останува на сила, заедно со споменатата откупна клаузула која периодично ја поттикнува медиумската приказна за можен трансфер.

CATEGORIES
Share This