АРТЕТА ОТВОРИ ДУША – Живееме во два различни фудбалски света
ПСЖ и Баерн имаат предност со рано обезбедени титули во домашните првенства.

Главна тема во фудбалскиот свет оваа недела се првите полуфинални натпревари од Лигата на шампионите, особено контрастот меѓу дуелите во Париз и Мадрид.
Во Париз се одигра вистински спектакл меѓу ПСЖ – Баерн 5:4, натпревар полн со голови, пресврти и офанзивен фудбал од првата до последната минута. Од друга страна, во Мадрид гледавме сосема поинаква слика, Атлетико – Арсенал 1:1, со само два гола од пенали, многу претпазлива игра, нервоза и постојан фокус на тоа да не се прими погодок.
Овие разлики веднаш отворија дебата меѓу фудбалските фанови и едни се воодушевени од стилот на екипите на Луис Енрике и Венсан Компани, додека други го критикуваат поконзервативниот пристап на Диего Симеоне и Микел Артета.
Тренерот на Арсенал се осврна на ова прашање на прес-конференцијата пред првенствениот дуел со Фулам во Премиер лигата.
„ПСЖ – Баерн е веројатно најдобриот натпревар што сум го гледал. Никогаш не сум видел нешто слично. Но, кога ќе се погледне бројот на минути што ги играат тие фудбалери и нивната свежина, не сум изненаден. За да се создадат такви моменти на квалитет, потребна е свежина. Разликата меѓу националните лиги е огромна и како два различни света и не може да се споредуваат,“ изјави Артета.
Тој посочи дека ПСЖ и Баерн често ја обезбедуваат титулата во домашните првенства уште пред крајот на сезоната, што им овозможува да ги одмораат клучните играчи и да се фокусираат на Лигата на шампионите. За разлика од нив, Арсенал се бори за титулата во многу поконкурентна лига и нема простор за ист таков луксуз.
Податоците делумно ја поддржуваат оваа теза. Меѓу најоптоварените играчи во топ европските лиги се фудбалери на Арсенал, Давид Раја има 3.060 минути, Деклан Рајс 2.851, Мартин Зубименди 2.835, Јуриен Тимбер 2.454 и Габриел Магаљаес 2.436. Високо се наоѓа и Вилијам Салиба со 2.344 минути, додека меѓу нив се вметнати и Ворен Заир-Емери од ПСЖ (2.360) и Луис Дијаз од Баерн (2.283).
