РАТКО МЛАДИЌ В ПОНЕДЕЛНИК ЌЕ БИДЕ ПОГРЕБАН ВО БЕЛГРАД Синот апелира да нема провокации (видео)
Ковчегот ќе биде изложен во црквата „Свети Лука“, а погребот на Топчидер е најавен околу 13:30 или 14 часот.

Погребот на поранешниот командант на Војската на Република Српска, генерал Ратко Младиќ, ќе се одржи в понеделник, 7 септември, на гробиштата Топчидер во Белград, соопшти неговиот син Дарко Младиќ.
Според најавата, ковчегот со телото на Младиќ ќе биде изложен во црквата „Свети Лука“ во Кошутњак од 7 до 12 часот. Во тој период граѓаните, пријателите и роднините ќе можат да дојдат да му оддадат почит и да изразат сочувство до семејството.
По 12 часот ќе започне погребната поворка кон гробиштата Топчидер, каде што погребот е предвиден околу 13:30 или 14 часот, зависно од времето потребно за пристигнување на колоната.
Комеморацијата за генерал Младиќ ќе се одржи утре во 12 часот во Домот на српските вооружени сили во Белград.
Дарко Младиќ: Сакам погребот да биде достоинствен
Дарко Младиќ упати апел погребот да помине мирно и без инциденти, повикувајќи ги присутните да избегнуваат провокации и конфликти.
„Ги повикувам сите да се воздржат од провокации и обиди да се спречи тој настан, за да можат ожалостените да го погребаат мојот татко, командантот на Војската на Република Српска, достоинствено и според нашите обичаи“, изјави тој на прес-конференција во Прес-центарот на УНС.
Тој ги повика пријателите, роднините и поддржувачите на генералот да присуствуваат во што поголем број, но истовремено апелираше до нив да користат јавен превоз поради очекуваната голема посетеност и можните сообраќајни гужви.
Младиќ ќе биде погребан покрај неговата ќерка на гробиштата Топчидер.
Семејството тврди дека смртта била последица на небрежно лекување
Говорејќи за околностите околу смртта на неговиот татко во притвор во Хашкиот трибунал, Дарко Младиќ изјави дека семејството смета оти кон генералот било постапувано небрежно и дека му биле давани прекумерно силни опијати.
Според него, токму таквиот третман придонел за влошување на здравствената состојба и смртта на генералот.
„Мојот татко доби добра нега во Хашкиот трибунал, но негата и третманот не се исто. Можете да сместите човек во хотел со седум ѕвездички и да му ја дадете најдобрата храна и најдобрата нега, но ако се однесувате погрешно кон него, не можете да го спасите“, рече Дарко Младиќ.
Тој не даде дополнителни детали за евентуални правни чекори, но ставот на семејството, како што посочи, е дека смртта на генералот била последица на несоодветен медицински третман во Хаг.

