САЛИ: СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ЈА ИЗБРА ЕВРОПА Очекуваме напредокот да биде препознаен

Од Даблин министерот за европски прашања побара фер и предвидлив пристапен процес заснован на заслуги.

САЛИ: СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ЈА ИЗБРА ЕВРОПА Очекуваме напредокот да биде препознаен
Фото: Принтскрин

Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на неформалниот состанок на Советот за општи работи на Европската Унија, кој се одржа во Даблин под ирското претседателство со Советот на ЕУ.

На сесијата посветена на проширувањето, на едно место се собраа министрите од земјите членки на ЕУ, како и претставници на земјите кандидати и партнери. Во фокусот беа реформските процеси, зајакнувањето на институционалните капацитети и можностите за забрзување на европската интеграција.

Во своето обраќање, Сали порача дека проширувањето веќе не треба да се гледа само како политички избор, туку и како геополитичка неопходност и инвестиција во безбедноста, стабилноста и конкурентноста на Европа.

Тој истакна дека Северна Македонија останува цврсто посветена на членството во Европската Унија, спроведувањето на потребните реформи и целосното усогласување со европските вредности и политики.

Зборувајќи за досегашниот пристапен процес, Сали ја посочи Спогодбата за стабилизација и асоцијација како еден од клучните столбови на европската трансформација на земјата. Според него, спогодбата има значаен придонес во унапредувањето на законодавството, економијата и јавната администрација.

Сепак, тој оцени дека главниот предизвик во оваа фаза е ефикасното спроведување на реформите, особено во областите на владеењето на правото, судството, борбата против корупцијата и реформата на јавната администрација.

Сали ја поздрави и визијата на еврокомесарката за проширување, Марта Кос, за поамбициозен модел на постепена интеграција. Како што истакна, овој пристап би им овозможил на земјите кандидати уште пред полноправното членство постепено да се вклучуваат во европските политики, програми и одредени сегменти од Единствениот пазар.

Според Сали, постепената интеграција може да го забрза процесот на подготовка за членство, да донесе конкретни придобивки за граѓаните и бизнисите и да ја зголеми довербата во европскиот процес.

Во исто време, тој повика на посилна и покоординирана поддршка од земјите членки на ЕУ преку директна експертска помош, инструментите TAIEX и Твининг, како и преку подолгорочен ангажман на европски експерти во домашните институции.

Сали нагласи дека пристапниот процес мора да остане правичен, предвидлив и заснован на заслуги, при што спроведените реформи и донесените тешки политички одлуки треба да бидат проследени со конкретен напредок кон членството.

„Северна Македонија ја избра Европа. Подготвени сме да го исполниме нашиот дел и очекуваме посветеноста, реформите и резултатите да бидат препознаени со напредок. Инвестирањето во нашите капацитети е инвестиција во идна земја членка и во посилна Европа“, порача Сали.

CATEGORIES
Share This