РАСПИШАНИ ПРЕДВРЕМЕНИ ИЗБОРИ ВО БРВЕНИЦА Граѓаните ќе избираат нов градоначалник на 18 октомври
Изборите се распишани по смртта на градоначалникот Јовица Илиевски, а претседателот на Собранието Африм Гаши повика на фер и достоинствена изборна кампања.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска (7 август) ги распиша предвремените избори за градоначалник на Општина Брвеница, кои ќе се одржат на 18 октомври.
По распишувањето на изборите, следува спроведувањето на сите изборни активности од страна на Државната изборна комисија (ДИК), согласно законските рокови.
Гаши преку објава на социјалните мрежи ги повика политичките партии и кандидатите да водат фер и достоинствена изборна кампања, заснована на програми, идеи и визија за развојот на општината, наместо на поделби и конфронтации.
„Ги повикувам граѓаните на Брвеница активно да учествуваат на изборите и одговорно да го остварат своето демократско право, придонесувајќи кон мирен, уреден и кредибилен изборен процес што ќе го одреди идниот правец на развој на нивната општина. Убеден сум дека овие избори ќе ја потврдат демократската зрелост на институциите и на нашите граѓани“, порача Гаши.
Предвремените локални избори се распишуваат по смртта на градоначалникот Јовица Илиевски, кој беше избран на функцијата на локалните избори во октомври 2025 година.

