РАКЕТИТЕ НА МИНИМУМ Трамп удри по Пентагон и започна потрага по „предавниците“

Вашингтон демантира криза со оружјето, но извештаи тврдат дека резервите на клучни ракети се значително намалени.

РАКЕТИТЕ НА МИНИМУМ Трамп удри по Пентагон и започна потрага по „предавниците“
Фото: Принтскрин

Американскиот претседател Доналд Трамп ги отфрли информациите дека американската армија се соочува со сериозно намалување на залихите на оружје и муниција, тврдејќи дека САД располагаат со „огромни количини“ резерви и дека производството дополнително се зголемува. Во објава на неговата социјална мрежа „Truth Social“, Трамп наведе дека американската војска има големи залихи, особено на одредени видови муниција, а одбранбената индустрија, според него, отвора нови производствени капацитети со најбрзо темпо во историјата.

„Имаме огромни количини муниција, особено од одредени видови. Производството продолжува и дополнително се забрзува“, порача Трамп.

Тој истовремено ги нападна лицата кои на медиумите им доставуваат доверливи информации за состојбата со вооружувањето, нарекувајќи ги нивните постапки „предавнички“.

„Ги бараме оние кои ги даваат овие информации и тие ќе се соочат со сериозни последици“, напиша американскиот претседател.

Изјавите на Трамп следуваат по написот на „Вашингтон пост“, според кој претседателот бил незадоволен од состојбата со резервите на клучна муниција и побарал објаснување од секретарот за одбрана Пит Хегсет. Според извори цитирани од весникот, проблемите најмногу се однесуваат на водени ракети со долг дострел и ракети за воздушна одбрана, што наводно влијаело врз одлуките на Вашингтон за понатамошни воени операции против Иран.

Весникот наведува дека Хегсет наводно ја префрлил одговорноста за состојбата врз својот заменик Стивен Фајнберг, тврдејќи дека претседателот не бил целосно информиран за обемот на проблемот.

Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, ги отфрли овие наводи, оценувајќи ги како „целосно измислена приказна“. Таа нагласи дека Трамп има „целосна доверба“ во Хегсет, а Пентагон исто така ги демантираше тврдењата дека министерот за одбрана го довел претседателот во заблуда. Главниот портпарол на Пентагон, Шон Парнел, изјави дека написот содржи неточни информации и ги отфрли тврдењата за внатрешни несогласувања.

И покрај новите програми за зголемување на производството на оружје, вклучително и ракети за системите „Патриот“, експертите предупредуваат дека производството на сложени вооружени системи може да трае со месеци или години. Според „Вашингтон пост“, американската војска во текот на првиот месец од конфликтот употребила повеќе од 850 крстосувачки ракети „Томахавк“, над 1.000 ракети за системите „Патриот“ и ТХААД, како и повеќе од 1.300 тактички балистички ракети АТАКМС.

Изворите на весникот тврдат дека резервите на ракетите АТАКМС, кои се важни и за воената поддршка на Украина, се значително намалени. Недостигот на пресретнувачки ракети веќе влијае врз начинот на кој американската војска ги користи системите за воздушна одбрана, при што нивната употреба станува поселектирана и насочена само кон најсериозните закани.

CATEGORIES
TAGS
Share This