ПУТИН Е ПРВ НА ЛИСТАТА – Германија со новата стратегија подготвува воена машинерија од 460.000 војници

Германија за првпат усвојува сеопфатна воена стратегија по Втората светска војна.

ПУТИН Е ПРВ НА ЛИСТАТА – Германија со новата стратегија подготвува воена машинерија од 460.000 војници
Фото: Принтскрин

Германските пратеници усвоија, а Бундесверот првпат во својата повоена историја добива официјална воена стратегија, чија цел е да ја подготви земјата за одговор на идните безбедносни закани.

Русија веќе ја оцени Германија како потенцијална закана, додека Берлин го нагласува растечкото чувство на безбедносна неизвесност во Европа. Новата стратегија детално ги дефинира насоките за тоа како германските вооружени сили треба да реагираат во случај на потенцијален конфликт.

На презентацијата во Берлин, министерот за одбрана Борис Писториус истакна дека ваков документ е неопходен во актуелните глобални околности.

„Светот стана понепредвидлив и поопасен по руската инвазија врз Украина. Меѓународниот правен поредок е сериозно доведен во прашање“, изјави Писториус.

Според стратегијата, Русија се дефинира како „најголема и најнепосредна закана во блиска иднина“ за безбедноста на Германија и НАТО. Документот предупредува дека Москва создава услови кои би можеле да доведат до воен напад врз членките на Алијансата, иако оперативните сценарија остануваат доверливи.

„Не можеме да ги објавиме тие информации јавно. Во спротивно, би можеле да го додадеме Владимир Путин на нашата мејл-листа“, се пошегува Писториус.

Покрај безбедносниот аспект, стратегијата вклучува и обемна модернизација на Бундесверот, со цел намалување на бирократијата и забрзување на процесите. Предвидени се 153 мерки и околу 580 конкретни чекори за имплементација, меѓу кои и дигитализација на административните процедури, вклучително и воведување „дигитален паричник“ за војниците.

Една од клучните цели е значително проширување на армијата. До средината на 2030-тите, Германија планира да има околу 460.000 припадници на Бундесверот, од кои околу 200.000 би биле резервисти.

Целта е германската армија да стане најсилната конвенционална во Европа, со забрзан раст до 2029 година. Во моментов Бундесверот брои околу 185.400 активни војници, што претставува скромен раст во споредба со претходната година.

Главниот предизвик останува регрутацијата. Писториус признава дека привлекувањето нов кадар е најтешкиот дел од реформата. Новиот модел на воена служба се воведува постепено, а доколку доброволниот систем не ги даде очекуваните резултати, не се исклучува враќање на класичната регрутација, која беше суспендирана во 2011 година.

Опозицијата, пак, предупредува на последиците од ваквиот курс. Улрих Тоден од левицата оцени дека „модернизацијата е разбирлива, но Германија не треба да се претвора во голема воена сила“.

CATEGORIES
TAGS
Share This