ПРОМОВИРАНА МОНОГРАФИЈАТА ЗА МАЕСТРО ВАНЧО ЧАВДАРСКИ Почит за еден од најголемите македонски музички уметници
Ванчо Чавдарски не е само име од музичката историја. Тој е дел од македонското културно наследство и пример за генерациите што доаѓаат - дека вистинскиот талент, посветеноста и љубовта кон татковината оставаат трајни дела.

Со промоција на монографија посветена на животот и творештвото на маестро Ванчо Чавдарски беше оддадена почит на еден од најзначајните македонски диригенти, чие име остави траен белег во македонската и светската музичка уметност.
Ванчо Чавдарски (3 март 1930, Владимирово – 8 декември 2001, Бризбејн) претставува исклучително име во поновата музичка историја на Македонија. Неговиот животен и професионален пат е приказна за извонреден талент, посветеност, упорност и уметничка бескомпромисност, но и за човек кој, и покрај меѓународната кариера, останал длабоко поврзан со својата татковина.
Роден во Владимирово, Чавдарски уште од најрана возраст го покажал својот музички талент. Првите музички знаења ги стекнал во родното место, а подоцна се школувал во Скопје, Загреб и Белград. Неговото образование продолжило и во Германија, каде што работел со познатиот професор Ханс Шмит-Изерштет.
Од септември 1960 година станува диригент на Македонската филхармонија, а од 1964 година и нејзин директор. Во овој период ги остварува едни од најзначајните професионални достигнувања, меѓу кои и основањето на Македонскиот камерен оркестар во 1962 година.
Особено значајни се меѓународните турнеи и гостувања на Камерниот оркестар на Македонската филхармонија во периодот од 1965 до 1971 година, кога под раководство на Чавдарски биле реализирани дури 15 гостувања и турнеи во Франција, Италија, Шпанија, Белгија, Швајцарија, Јужна и Средна Америка и во поранешниот Советски Сојуз. Овие настапи претставуваат редок и значаен успех во историјата на македонската музичка уметност.
Неговата кариера продолжува во Австралија, каде што од 1978 до 1982 година бил шеф-диригент на Квинслендскиот симфониски оркестар во Бризбејн. Од 1981 до 1991 година бил уметнички раководител и шеф-диригент на оркестарот на Радио-телевизија Белград, а од 1994 до 2001 година дејствувал како почесен професор на конзерваториумот во Пусан, Јужна Кореја.
Во текот на својата богата уметничка кариера, Чавдарски диригирал со повеќе од 60 симфониски оркестри ширум светот, остварил богат оперски и симфониски репертоар, а неговото творештво било препознаено со бројни награди и признанија, меѓу кои и Октомвриската награда на Република Македонија во 1962 година.
Монографијата посветена на маестро Ванчо Чавдарски, чиј автор е Јован Мазгански, претставува обид да се зачува од заборав неговото богато животно и уметничко наследство и да се доближи неговиот придонес до новите генерации.
Во рамките на промоцијата, поздравна реч одржа проф. м-р Васил Атанасов, додека промотор на монографијата беше проф. д-р Александар Трајков. За значајни моменти од животот и творештвото на Чавдарски преку избрани цитати зборуваа проф. д-р Виолета Ачкоска и проф. Благојка Филипчева.
Музичкиот дел од настанот го збогатија пијанистите Глигор Гелебешев и Катерина Гелебешева Костадиновска, како и баритонот Борис Трајанов со пијано придружба на Дарко Мариновски. Беа изведени дела од Лудвиг ван Бетовен, Сигизмунд Боркевич и П. Токту.
За монографијата и нејзиното значење се осврна и рецензентот проф. м-р Васил Атанасов, а на крајот од промоцијата се обрати и авторот Јован Мазгански, кој ја претстави својата посветеност на документирањето на животниот и творечкиот пат на маестро Чавдарски.
Промоцијата беше можност повторно да се потсетиме на големината на еден уметник кој со својата работа ја афирмирал македонската музика надвор од границите на Македонија и оставил наследство кое заслужува трајно место во нашата културна меморија.
Ванчо Чавдарски не е само име од музичката историја. Тој е дел од македонското културно наследство и пример за генерациите што доаѓаат – дека вистинскиот талент, посветеноста и љубовта кон татковината оставаат трајни дела.


