ПОЧНУВААТ УПИСИТЕ НА УКЛО Над 2.000 слободни места за идните студенти
Објавени конкурсите за сите три циклуси студии, а првиот уписен рок за новите бруцоши започнува во август.

Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола ги објави конкурсите за запишување студенти на прв, втор и трет циклус студии за академската 2026/2027 година, со што официјално започнаа уписните активности за новата академска година.
Во конкурсите се наведени сите информации поврзани со условите за запишување, бројот на слободни места, критериумите за селекција, потребната документација, како и роковите за пријавување на кандидатите.
Конкурсите се достапни на веб-страницата на УКЛО, а кандидатите можат да ги разгледаат условите за:
Трет циклус – докторски студии
За прв циклус, на додипломски студии на УКЛО се предвидени вкупно 2.115 слободни места. Од нив, 1.074 места се во државната квота, 612 се наменети за студенти со кофинансирање, а 429 места се за вонредни студии.
Пријавувањето во првиот уписен рок ќе се одвива на 18, 19, 20 и 21 август 2026 година. Вториот уписен рок е предвиден за 3 и 4 септември, додека третиот уписен рок ќе се одржи на 16 и 17 септември 2026 година.
Идните студенти имаат можност да се информираат и за активностите на КОЛОРС Алијансата, чија членка е УКЛО. Преку оваа европска универзитетска алијанса, битолскиот универзитет, со повеќе од 4.000 студенти, е дел од академска заедница која поврзува над 120.000 млади луѓе од девет европски универзитети.
Учеството во КОЛОРС Алијансата отвора можности за меѓународна соработка, студентска и академска мобилност, како и за професионален и академски развој на студентите.
Од УКЛО ги повикуваат сите заинтересирани матуранти и кандидати навремено да се информираат за условите од конкурсите, да ги следат роковите за пријавување и внимателно да ја изберат студиската програма која најмногу одговара на нивните интереси, знаења и идни професионални амбиции.


