МАКЕДОНИЈА БЛЕСНА ВО ИСТАНБУЛ Битолчани го освоија светот со „Копачка“
КУД „Илинден“ од Битола освои сребрен медал и 3.000 долари на престижниот светски натпревар, во конкуренција на 41 фолклорна група.

Културно-уметничкото друштво „Илинден“ од Битола освои сребрен медал и парична награда од 3.000 долари на Светскиот натпревар за меѓународни танци, кој од 13 до 19 јули се одржа во Истанбул, Турција.
Македонија беше претставена со програмата „Седело Ѓуре“, машкото оро „Копачка“ и сценската адаптација „Русински мегдан“. Во силна конкуренција од 41 фолклорна група, битолскиот ансамбл го освои второто место во категоријата автентичен фолклор.
Првото место го освои Република Башкортостан од Русија, додека третото место припадна на ансамбл од Црна Гора.
Од КУД „Илинден“ велат дека успехот е особено значаен бидејќи станува збор за нивно прво учество на ваков светски натпревар, на кој настапите биле оценувани од меѓународно жири составено од еминентни професори од повеќе земји.
Само неколку дена по големиот успех, КУД „Илинден“ ќе настапи пред домашната публика. На 25 јули, со почеток во 20:30 часот, во Офицерскиот дом во Битола, ансамблот ќе го одржи концертот „Џумбиш“, во рамките на 56. издание на фестивалот „Илинденски денови“.


