КРИЗА ВО ГОСТИВАР Владата прогласи кризна состојба на 30 дена
Водата во Гостивар и натаму е забранета за користење, а Владата најави итна координација на институциите за решавање на проблемот.

Владата донесе одлука за прогласување кризна состојба во Општина Гостивар во времетраење од 30 дена, поради сериозната состојба со водоснабдувањето во градот.
Од Владата велат дека одлуката е донесена бидејќи локалната самоуправа не е во можност самостојно да се справи со ситуацијата. Целта е да се овозможи побрза координација меѓу надлежните институции, да се стави водоснабдителниот систем повторно во функција и во најкраток можен рок да се обезбеди безбедна вода за пиење.
„Здравјето на граѓаните на Општина Гостивар останува фокус на Владата и посветени сме кон целосно решавање на овој проблем“, соопштија од владината прес-служба.
Владата очекува Јавното обвинителство да спроведе детална истрага за случајот и да се утврди одговорност кај сите кои, како што велат, го довеле во ризик здравјето и животите на гостиварци.
Во меѓувреме, Јавното обвинителство побара притвор за директорката на гостиварското јавно претпријатие „Комуналец“ и за двајца раководители во претпријатието. Тројцата претходно беа изведени пред судија на претходна постапка.
Забраната за користење на водата од гостиварскиот водоснабдителен систем и натаму е во сила.
Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Оливер Миланов, изјави дека сите објекти во кои се подготвува и служи храна и пијалаци, како и другите јавни установи, мора да обезбедат техничка вода за непречено функционирање. Во спротивно, најави Миланов, ќе следуваат соодветни санкции.


