ПЕНЗИОНЕРИТЕ ЌЕ ДОБИЈАТ 3 ОТСТО ПОВЕЌЕ Нема линеарно зголемување, еве колку ќе порасне пензијата
Пензијата од 20.000 денари ќе биде зголемена за 600 денари, а пензијата од 60.000 денари за 1.800 денари.

Зголемувањето на пензиите за септември ќе изнесува 3 отсто. Овојпат пензиите ќе бидат зголемени согласно законското решение, што значи дека нема да има линеарно зголемување, какво што бараше дел од пензионерите.
Зголемувањето ќе се пресметува според висината на пензијата што секој пензионер ја прима. Така, пензионер со пензија од 20.000 денари ќе добие зголемување од 600 денари, односно новата пензија ќе изнесува 20.600 денари. Пензионер со пензија од 60.000 денари ќе добие зголемување од 1800 денари, односно новата пензија ќе изнесува 61.800 денари.
Новите износи се очекува да бидат исплатени во текот на следниот месец. Во Фондот веќе се вршат пресметките, со цел исплатата да се реализира навреме.
Во изминатите две години пензиите во четири наврати беа зголемувани линеарно, при што вкупното зголемување изнесуваше 7.000 денари.
Прашањето за линеарното зголемување беше предмет и на постапка пред Уставниот суд. Судот во март 2026 година ја прекина постапката, откако не беше обезбедено мнозинство потребно за донесување одлука.

