СУДЕЊЕ ПО МАКЕДОНСКИ, ЃАВОЛОТ ДОБИ УСЛОВНО Крадеш, признаваш и си одиш дома

Пресудата е правосилна, а Ѓаволот нема да лежи затвор доколку пет години не стори ново кривично дело.

СУДЕЊЕ ПО МАКЕДОНСКИ, ЃАВОЛОТ ДОБИ УСЛОВНО  Крадеш, признаваш и си одиш дома
Фото: Принтскрин

Љупчо Пецов е осуден на две години затвор, но казната нема да ја издржува доколку во следните пет години не стори ново кривично дело. Пецов ја признал вината, а пресудата е правосилна од 21 септември 2026 година, откако ниту една од страните не поднела жалба, информираат од Кривичниот суд.

Пресудата е донесена на 24 август 2026 година врз основа на признанието на вина од обвинетиот.

Покрај условната затворска казна, на Пецов му е изречена и парична казна од 8.000 евра.

Судот му изрекол и забрана за вршење дејност како основач или управител на правно лице, како и забрана да управува, раководи или располага со имот на правно лице. Оваа забрана ќе трае 10 години.

Казна е изречена и на обвинетото правно лице ДУТУД А.К.А.П. ДООЕЛ, кое се наоѓа во стечај. На фирмата ѝ е определена парична казна од еден милион денари.

Дополнително, на правното лице му се изречени и повеќе забрани во траење од пет години за добивање дозвола, лиценца и концесија согласно посебен закон, за учество во постапка за јавен повик, како и за основање нови правни лица.

Од Кривичниот суд наведуваат дека при определувањето на казната била земена предвид и потребата од обезбедување процесна избалансираност во однос на останатите обвинети во комплексниот кривично-правен предмет.

Според судот, и други обвинети во предметот ја признале вината, ја надоместиле причинетата парична штета, а во раздвоените постапки им биле изречени алтернативни мерки.

Пресудата со која Пецов е огласен за виновен во моментов е во фаза на анонимизација. Од Кривичниот суд најавуваат дека наскоро ќе биде јавно достапна.

CATEGORIES
TAGS
Share This