ПЕКОЛ ЗА САНЧЕЗ Сопругата оди пред порота, братот веќе е осуден

Бегоња Гомез ќе се најде пред граѓанска порота по обвиненија за злоупотреба на влијание и проневера, додека Санчез тврди дека случајот е политички мотивиран.

ПЕКОЛ ЗА САНЧЕЗ Сопругата оди пред порота, братот веќе е осуден
Фото: Принтскрин

Сопругата на шпанскиот премиер Педро Санчез, Бегоња Гомез, ќе се соочи со судење пред граѓанска порота по обвиненија за злоупотреба на влијание и проневера, откако мадридскиот суд одлучи да го продолжи најголемиот дел од постапката против неа. Одбраната на Гомез поднесе жалба до Високиот суд во Мадрид, барајќи целосно отфрлање на обвиненијата, кои таа категорично ги негира. Воедно, побара и укинување на мерките што претходно ги изрече понискиот суд.

Сепак, Апелациониот суд го отфрли обвинението за деловна корупција и ги укина мерките со кои на Гомез ѝ беше забрането да ја напушта Шпанија, ѝ беше одземен пасошот и ѝ беше наложено редовно да се јавува во суд. И покрај тоа, обвиненијата за злоупотреба на влијание и проневера остануваат во сила.

Државното обвинителство побара целосно отфрлање на случајот, оценувајќи дека обвиненијата, поднесени по кривична пријава од крајно десничарски организации, немаат доволна основа. Подносителите тврдат дека Гомез ја искористила својата позиција како сопруга на премиерот за да влијае врз доделување деловни договори. Премиерот Педро Санчез повторно застана во одбрана на својата сопруга, нагласувајќи дека станува збор за политички мотивирана кампања.

„Бегоња Гомез е невина“, соопшти Канцеларијата на премиерот, додавајќи дека истрагата се темели на „лажни извештаи и дезинформации“, чија единствена цел е политички прогон на семејството на шпанскиот премиер. Случајот доаѓа само неколку дена откако братот на Педро Санчез беше прогласен за виновен за административен прекршок и доби забрана да извршува јавна функција во следните девет години.

Со последната судска одлука е потврдено дека Бегоња Гомез ќе биде судена пред граѓанска порота,  постапка што во Шпанија се применува само за ограничен број кривични дела, меѓу кои е и злоупотребата на влијание.

Според податоците на Генералниот совет на судството на Шпанија (CGPJ), поротите во земјата во најголем број случаи носат осудителни пресуди. Во последната деценија стапката на осудување изнесувала околу 90 проценти, а во 2024 година достигнала 89,5 проценти. Според шпанскиот Кривичен законик, злоупотребата на влијание извршена од приватно лице се казнува со затвор од шест месеци до две години, додека за проневера во потешки случаи е предвидена казна затвор до осум години.

CATEGORIES
Share This