ПАСОШ ШТО ГО ИМААТ САМО 500 ЛУЃЕ ВО СВЕТОТ Го издава организација која има сѐ како држава, освен теиторија
Имаат сопствен устав, влада и дипломатска служба, но немаат своја територија. Црвениот дипломатски пасош на Малтешките витези е еден од најретките патни документи во светот.

Додека повеќето држави издаваат милиони пасоши на своите граѓани, еден од најретките дипломатски патни документи во светот постои во само околу 500 примероци. Станува збор за црвениот дипломатски пасош на Суверениот воен ред на Малта, католичка религиозна и хуманитарна организација позната и како Малтешки витези.
Она што го прави овој пасош особено необичен е фактот што го издава институција која има многу од обележјата на една држава, но нема сопствена територија над која остварува суверенитет. Суверениот ред на Малта има свој устав, влада, дипломатска служба, поштенски марки, валута и пасоши. Сепак, не претставува држава во вообичаената смисла на зборот, туку посебен субјект на меѓународното право со долга историска традиција.
Седиштето на Редот се наоѓа во Рим, каде што поседува две згради со екстратериторијален статус. Неговите дипломатски односи и меѓународно признатиот посебен статус му овозможуваат да одржува дипломатска мрежа низ светот.
Црвениот дипломатски пасош е наменет за највисоките функционери и дипломатските претставници на Редот. Неговата реткост е навистина впечатлива и според податоците што претставник на Редот ги презентирал за Си-Ен-Ен во 2024 година, во оптек имало само околу 500 примероци.
Токму затоа овој пасош е вистинска реткост во меѓународниот сообраќај, а многу гранични службеници можеби никогаш немале можност да се сретнат со него.

